
Афирмацијата на македонската култура, зачувувањето на националното културно наследство и неговото достоинствено претставување во меѓународниот простор претставуваат една од суштинските определби на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Како значајна институција на културната дипломатија, Македонскиот КИЦ во Софија ја остварува својата мисија преку создавање културни врски, отворање простори за дијалог и промовирање на вредностите што го определуваат македонскиот идентитет, историското паметење и творечкиот потенцијал.
Преку својата дејност, Македонскиот културно-информативен центар во Софија не е само место каде што се претставуваат уметнички и културни содржини, туку институција која активно учествува во градењето на културните мостови меѓу народите, во развојот на културната дипломатија и во зачувувањето на духовното наследство како највреден белег на еден народ.
Во рамките на оваа мисија, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, во својство на дипломатски советник, оствари значајна работна средба со градоначалникот на Општина Ресен, г. Јован Тозиовски.
Средбата претставуваше можност за продлабочување на институционалната соработка и за размена на идеи и визии поврзани со идни културни иницијативи, проекти и активности кои имаат за цел уште посилна афирмација на македонското културно наследство, творештво и духовни вредности.
Во текот на разговорите истакнато беше значењето на културата како простор во кој се чуваат најдлабоките вредности на едно општество, но и како моќен инструмент на современата дипломатија. Беше нагласено дека токму преку културната соработка се создаваат трајни врски, се надминуваат разликите и се отвораат нови перспективи за меѓусебно почитување и разбирање.
Посебно внимание беше посветено на можноста за збогатување на Спомен-собата посветена на големата македонска ликовна уметница Кераца Висулчева, која се наоѓа во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, попознат како „Сарај“, со нејзиниот автентичен клавир, кој денес се чува во депото на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Оваа иницијатива има исклучително културно, историско и симболично значење. Клавирот на Кераца Висулчева не претставува само материјален предмет, туку драгоцено сведоштво за нејзиниот животен и творечки пат, за времето во кое создавала и за духовниот свет на една од најзначајните македонски уметници. Неговото враќање во рамките на Спомен-собата во Ресен би претставувало значаен придонес кон целосното претставување на нејзиното наследство и кон создавањето жив културен простор кој ќе продолжи да ги инспирира идните генерации.
Токму ваквите иницијативи ја покажуваат суштината на културната дипломатија – грижата за културното наследство да не остане само во архивите и депоата, туку да биде достапно, видливо и активно присутно во културниот живот.
Македонскиот културно-информативен центар во Софија, под раководство на проф. д-р Зоран Пејковски, останува посветен на оваа мисија – да ги поврзува културните вредности, институциите и луѓето преку проекти кои имаат трајно значење.
Притоа, како признание за неговиот придонес во поддршката на културата, развојот на културната дипломатија и поттикнувањето на творечкото изразување, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, на градоначалникот на Општина Ресен, г. Јован Тозиовски, му ја врачи Плакетата:
„За исклучителен придонес во афирмацијата на културните вредности, развивањето на културната дипломатија и поддршката на творечкото изразување, кое придонесува за изградба на културните мостови и зацврстување на трајните хуманистички вредности кои се во дослух со мисијата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.“
Ова признание претставува симбол на благодарност кон сите оние кои ја препознаваат моќта на културата како носител на идентитетот, како чувар на историската меморија и како највозвишен начин за поврзување на луѓето.
Средбата меѓу Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Општина Ресен претставува уште еден значаен чекор во насока на создавање нови културни партнерства и иницијативи кои ќе придонесат за зачувување и афирмација на македонските културни вредности. Зашто, културата е трајниот белег што останува зад генерациите. Таа е гласот на минатото, силата на сегашноста и аманетот кон иднината.

Македонски



