Skip to main content

Утре почнува „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен на 20 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Приказната во филмот „Кон запад, во Запата“ се одвива во оддалечените мочуришта на Запата во Куба, каде Ланди и Мерцедес се борат да го израснат својот син среде економски колапс и сè поголеми општествени немири. Принудени на болни разделби и тешки одлуки, тие се обидуваат да го зачуваат своето семејство. Филмот е интимен портрет на истрајноста, љубовта и цената на опстанокот.

Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева (1944-2025). Специјален настан посветен на Петрушева со наслов „Така пишуваше Илинка“ ќе се одржи на 22 август, во 19 часот, во Сули ан.

Во нејзин спомен ќе се одржи разговор за филмот со некои од нејзините најблиски соработници и наследници на нејзиното дело: Влатко Галевски, филмски критичар и модератор на разговорот; Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“ при Кинотеката на Република Македонија; Саша Дуковски, доктор на правни науки, редовен професор и киноаматер; и Русе Арсов, продуцент и програмски раководител на драмската програма при МКЦ. Разговорот ќе биде проследен со проекција на краткометражниот филм „Кино Мортус“ во режија на Ивана Цветковска и продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Земја во фокус годинава е Шпанија со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена. Програмата се одликува со силен авторски печат, визуелна смелост и тематска разновидност, а ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.

Програмата ќе ја отвори „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес на 21 август, во 21 часот, во Куршумли ан. Двајцата автори не само што ќе бидат гости на 17. издание на „МакеДокс“, туку и ќе одржат мастер-клас посветен на современите пристапи во креативниот документарен филм.

Покрај филмската програма, на 17. „МакеДокс“ ќе се одржат две панел-дискусии со пошироко јавно значење.

Панел-дискусијата со тематски наслов „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“ ќе се одржи на 24 август (понеделник), со почеток во 13 часот, во „Лабораториум“ и ќе се обиде да даде одговор на прашањето: Каде исчезнаа кината?

Скопје денес се соочува со сериозен недостаток на активни киносали и простори во кои филмот континуирано се прикажува и живее како културно искуство. Иако градот има активни фестивали, филмски автори и заинтересирана публика, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се ограничени.

Оваа дискусија отвора разговор за актуелната состојба на киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и за чекорите што треба да се преземат за таа да стане посилна, подостапна и поодржлива. Говорници ќе бидат Звонко Наумовски – Шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“; Билјана Лунга Филиповска – Советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање, Агенција за филм на Република Македонија; Маргарита Арсова – Уредничка на филмската програма, Младински културен центар (МКЦ); Дарко Набаков – Извршен директор на „МакеДокс“, а модераторка ќе биде Марина Костова – Филмска критичарка и потпретседателка на светската организација на ФИПРЕСЦИ.

Панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“, на која ќе учествуваат Марина Костова (Македонија) – филмска критичарка, потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Д. Рихтер (Австрија) – филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка, Алфонсо Ривера (Шпанија) – филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија, Муртада Елфадл (САД) – филмски критичар, новинар и селектор, додека мoдератор на панелот ќе биде Кристин Камдесу (Франција) – управна и уметничка директорка на ФИПАДОК, ќе се одржи на 25 август (вторник), во 13 часот, во „Лабораториум“.

Филмската критика е неделив дел од филмската култура веќе одамна – не само во однос на оценувањето филмови, туку и при создавањето простор за дијалог, предизвикувајќи ги доминантните наративи и помагајќи им на гледачите да се ангажираат околу филмот. Во време кога секој може да си го сподели своето мислење, што е тоа што ја прави филмската критика навистина важна?

Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ може да се најде на фестивалскиот сајт: https://makedox.mk/mk/

Секторот за продажба на билети на „МакеДокс“ известува дека билетите за филмската програма на отворањето на 20 август, во 20:30 часот, се распродадени, додека има можност за набавување билети за концертот од музичката програма „Ноќни приказни“ од 23 часот.

Исто така, распродадени се билетите за македонската премиера на документарниот филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски за проекцијата што ќе се одржи на 23 август (недела), во 21 часот, во Куршумли ан.

Поврзани вести