
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец тајно ја напуштил Турција со воено-транспортен авион, додека Белата куќа тврдела дека тој патува со претседателскиот „Ер Форс 1“ (Air Force One), а воената операција за измама била преземена поради веродостојна иранска закана за атентат, објави ексклузивно „Вашингтон пост“.
Трамп на самитот на НАТО во Анкара допатувал со неодамна преуредениот авион што Катар им го донираше на САД. Меѓутоа, при неочекуваното заминување од земјата — која се граничи со Иран во период на ескалација на меѓусебните непријателства — бил употребен постар авион „Ер Форс 1“ како мамец, што ги отвори прашањата за безбедноста и трошоците за брзото преуредување на новиот катарски авион.
Пред заминувањето од Анкара, Трамп на својата мрежа „Трут соушал“ објави дека „заради старите времиња“ до британската база РАФ Милденхол ќе лета со стариот, светлосин „Ер Форс 1“, додека новиот авион ќе остане во базата за да можат да го разгледаат таму стационираните американски војници.
Откако Трамп пред камерите во Анкара се качил во стариот „Ер Форс 1“, тој тајно бил пренесен со возило за достава на храна до аеродромот, од каде што се качил во помал воен авион, „Ер Форс Ц-32А“ (Air Force C-32A), објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на американски претставник запознаен со операцијата и преку увид во службени документи.
Новинарите кои верувале дека патуваат со Трамп во постариот „Ер Форс 1“, кој всушност служел како мамец, добиле упатство да ги спуштат ролетните на прозорците во нивниот дел од авионот. „Вашингтон пост“ наведува дека, освен медиумите, и дел од вработените во Белата куќа верувале дека претседателот се наоѓа во авионот со нив.
Кога подоцна новинарите го прашале зошто за време на летот морале да ги држат ролетните спуштени, Трамп одговорил дека причината веројатно била тоа што биле „на опасен лет“. – Но, ако јас одам, одите и вие. Нели? – додал тој.
Авионот „Ц-32А“ со Трамп полетал за Велика Британија и пристигнал околу 22:20 часот, додека постариот „Ер Форс 1“ со новинарите пристигнал неколку минути подоцна. Весникот наведува дека не е сосема јасно како Трамп од „Ц-32А“ повторно бил префрлен во постариот „Ер Форс 1“.
Видеоснимка на Ројтерс од 8 јули го прикажува Трамп како се качува по скалите на постариот „Ер Форс 1“ во Анкара. Новинар кој патувал со претседателот објави дека од авионот излегол во 22:56 часот по локално време. Трамп им покажал знак на победа на новинарите, но не им пришол за изјава. Потоа извесно време ги поздравувал припадниците на американските вооружени сили, пред да се упати кон новиот авион што го донираше Катар.
На прашањето за откритието дека Трамп тајно летал со трет авион, Белата куќа достави изјава од директорот за комуникации Стив Чеунг, кој рече дека авионот дониран од Катар е опремен со напредни безбедносни системи кои ја гарантираат безбедноста на претседателот и на неговиот персонал. – Како што претседателот неодамна рече, постојат многу непријатели на Америка кои го имаат земено на нишан и ги користиме сите средства што ни се на располагање за да одговориме на тие закани – изјави Чеунг. Пентагон засега не одговори на барањето за коментар.
Новиот авион, обоен во црвена, бела, темносина и златна боја по избор на Трамп, е „Боинг 747“ што Катар минатата година им го подари на САД, а го преуреди одбранбената компанија „Л3Харис технолоџис“ (L3Harris Technologies). Тој треба да служи како привремен претседателски авион додека „Боинг“ не ја испорача новата генерација авиони „Ер Форс 1“, чија испорака веќе долго време доцни.
Слична ваква операција со мамец последен пат беше спроведена во 2000 година, кога тогашниот претседател Бил Клинтон во Пакистан леташе со необележан службен авион, додека официјалниот „Ер Форс 1“ беше искористен за одвлекување внимание.(МИА)

Македонски


