Skip to main content

Ахмети се пофали: Јас побарав од Груби да се врати во Македонија

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека побарал Артан Груби да се врати во Македонија и да се соочи со одговорност за каква било злоупотреба на довербата.

Ахмети нагласи дека бара вистинска и неселективна правда, надевајќи се дека Груби ќе биде ослободен од домашен притвор и дека постапката ќе продолжи.

Јас бев главниот поддржувач кој побара Артан Груби да се врати во Македонија за да го преземе процесот. Му реков директно: „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, ќе одговараш“. Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: „Работев чесно“. И јавно побарав и вршев притисок врз локалната политика да го пуштат да излезе и да одговори. Но, не селективна правда, туку сакам вистинска правда. И мислам дека работите одат добро, првото нешто е да се ослободи од домашен притвор и да видиме како ќе продолжи – рече Ахмети гостувајќи во емисијата „Click Plus“ на РТВ21 во Приштина.

Ако не добие обвинение, Артан Груби за десетина дена ќе излезе од домашен притвор во случајот „Лотарија“.

Ахмети рече дека предвремените избори не се очекува да се одржат оваа година, туку следната, и додаде дека ДУИ е подготвена да учествува.

Лидерот на ДУИ во интервјуто зборувал за својата иднина, но и за состојбите во партијата, при што рекол дека по 25 години активна политичка кариера сè почесто размислува за пензионирање.

Искрено, јас лично размислувам за тоа, бидејќи зад мене се 25 години политика и историја. Животот во постојани активности и со состаноци носи свое оптоварување – рекол Ахмети и додал дека неговите сопартијци сметаат дека сè уште не е време за негово повлекување и дека неговото присуство во политиката е потребно.

Поврзани вести