
Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА информира за реализација на новиот издавачки проект Драмскиот превод во креативните индустрии поддржан од Град Скопје, со објава на четири книги во македонски превод:
1.Четири драми на Елена Алексиева (Жртви на љубовта, Мадам Мишима, Фантомска болка, Бернхард во пеколот), превод од бугарски јазик Здравко Стојмиров (актер-преведувач), издавач Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, Скопје 2025
Преводот е поддржан од Националниот фонд за култура на Р. Бугарија, печатењето на книгата е поддржано од Град Скопје.
Синопсис – Елена Алексиева ја има моќта да пишува и да создава драмски ликови и ситуации како Јукио Мишима, Томас Бернхард, Марко Белокио, Џим Шеридан … да режира во драмски текст, да експериментира со драмските и прозните структурите (комбинирајќи го во разни непредвидливи контрадикторни јусктапозиции), да се предизвикува себе си пишувајќи на разни теми – од профилот, мотивите, импулсите, менталитетот и причините на селскиот манијак кој силува и убива залутани промискуитетни, слободни девојки кои безусловно кокетираат, заведуваат и егзистенцијално експериментираат со младоста и животот; до претпоставената и подоживеаната женска страна на самоумислениот самурај и камиказе Јукио Мишима, фантазма која го убива асистирајќи му на својот мажествен љубовник Мишима, мадам Мишима како затвореното алтер его кое привлекува и заведува млади момчиња, Мадам Мишима која е свесна за својата слабост пред самодеструктивните последици од допирот на Венера, високо елоквентен лик заглавена во сопствената самоумислена женственост … од радикалната оштетеност и инвалидизираност на жената без раце која почнува терапевтски да слика со својата уста, за потоа да експодира како сликарско чудо со својот сликарски просек на арт маркетот во кој се манипулира со вредностите и талентите, автентичноста и оригиналноста на сметка на дискутабилната посебност и несакана човечка трагичност.
Преводот на Здравко Стојмиров (актер-преведувач) е прецизен а богато елоквентен, витален, жив, сценичен како што може одличен актер со сенс за јазици, трансформации и превод органски да ги оживее ликовите и нивните дијалози во книжевен превод, понекогаш со многу повеќе сенс од официјалните книжевни преведувачи.
2. Две драми на Рок Вилчник (рокгре – Тарзан, Нашиот театар), превод од словенечки јазик Винсент Вилчник, Иванка Апостолова Баскар, издавач Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, Скопје 2025
Преводот е поддржан од Јавната агенција за книга на Р. Словенија, печатењето на книгата е поддржано од Град Скопје.
Синопсис – Рок Вилчник е еден од најеминентните современи словенечки драмски автори кој можеби не експериментира многу со драмската структура, но затоа е извонреден во создавањето на драмски приказни, драмски ликови кои спектакуларно се расфрлаат со апсурдни, иронизирачки и духовити реплики и дијалози на сметка на тарзанските типови на мажи версус машките хиени во светот на освојувањата, експлоатирањата, поседувањата и посакувањата; или успешно да ги вивисецира сите манифестации на театарските нарциси и егоисти кои империјалистички се однесуваат со сцената, кулисите, аудиториумот, театарските работници и уметници, на сметка на приватизираните јавни и националните театри кои сеуште живеат на сметка на државата. Рок Вилчник е мајстор за критика, демистификација на локалните и глобални системски разјадувања и нагризувања или одличен, луциден и точен драмски критичар во светот на мегаломанските, финансиски, територијални и егзистенцијални бесмисли.
3. Кршливи каравани на Муанис Синановиќ (театарска поезија), превод од словенечки јазик Иванка Апостолова Баскар, издавач Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, Скопје 2025
Преводот е поддржан од Јавната агенција за книга на Р. Словенија, печатењето на книгата е поддржано од Град Скопје.
Синопсис – Муанис Синановиќ е магичен поет на сегашноста, модерноста, евокациската историчност, рефлексивната поетска мудрост и реалните рутинизирани патувања и имагинативните проектирања. Неговата поезија е како сајспецифик лирична приказна, урбано хаику, шумски филм, читајќи ја неговата носталгична, суптилно сентиментална, поезија станувате дел од неговиот поетски караван и патувате спознавајќи ја кршливоста, деликатноста, краткотрајноста на сегашноста и нештата. Патувате тивко, набљудувате, приметувате, анализирате, доживувате читајќи и спознавајќи ја предвидливо-непредвидливата контрадикторност, контрастите и бесмислата на есенцијалноста; додека пејсажите и пасажите се менуваат и ве одминуваат. Извонредна, врвна поезија со универзални капацитети и вредности за трајност и релевантност!
4. Четири хрватски драми (Куќа на Филип Јурјевиќ; Далеку е Кандахар на Анита Чеко; 35 Квадрати или Недојдија на Луција Клариќ; Можеш да бидеш се’ што сакаш на Ивана Вуковиќ), превод од хрватски јазик Иванка Апостолова Баскар, издавач Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, Скопје 2025
Преводот е поддржан од Министерството за култура и медуми на Р. Хрватска, печатењето на книгата е поддржано од Град Скопје.
Синопсис – Овие млади, современи, актуелни хрватски драми се продукт на една супер инспиративна и мотивирачка програма за драмско пишување, иницирана и реализирана од Хрватскиот центар на ИТИ и Гете институтот од Загреб. На темата дом, куќа, стан, кирија, потстанари, прибежиште, група на млади сценаристи и драмски автори создадоа актуелни драмски текстови зрели за сценска поставка, отварајќи ги приказните и драмите кои произлегуваат од новодобниот економски колонијализам, економските миграции и емиграции, лудото покачување на цените за сопствен дом и / или месечна кирија, за финансиската безглавост, за рапидноста на прекаријатот и подемот на бесмислените новодобни професии во кои ништо не се произведува освен ПР шпекулации, кои го демотивираат човекот да работи, создава и придонесува. За иднината на бескуќниците и загубите … притоа не заборавајќи го и не запоставувајќи го драмскиот јазик, структури, наративни и анти-наративни текови во креативниот процес на раскажување и драмско доловување.

Македонски




