Skip to main content

Македонска филхармонија со Анна Кондратенко ќе гостува во Гевгелија

Филхармонија . Анна Кондратенко

Со концертот насловен „Бајка“, оркестарот на Македонска филхармонија в четврток (18 септември) со почеток во 20 часот ќе гостува во Домот на културата во Гевегелија. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Анна Кондратенко, концертмајстор во Филхармонијата.

На концертот во Гевгелија, Кондратенко воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.

Кондратенко родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.

Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија.

Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје, наведуваат од НУ Филхармонија на РСМ.

Поврзани вести