
Почна најновото издание на „Маалски фестивал 4.0“, кој ќе трае до 27 септември 2025 година, на повеќе локации во општината Центар: во КСП „Центар–Јадро“, Паркот на франкофонијата, Боемска 2 и Природонаучниот музеј.
Годинашното издание на фестивалот е во духот на солидарноста и соседството.
Фестивалот го отвораме со маалско мезе, од 17.30 часот на Боемска 2. Дојдете на нашата радосна трпеза, задолжително понесете добро расположение и некој домашен специјалитет што едноставно мора да го споделите со нас – изјавуваат од „Јадро“.
Во КСП „Центар–Јадро“ денеска во 20 часот ќе има изложба на германската уметница и фотографка Франциска Клозе и изложба и презентација на фестивалот „Остен“ од Битерфелд-Волфен, Германија. Франциска Клозе од 2010 година работи на постиндустриски предели во природен и културно-историски контекст. Таа создава фотографии, уметнички книги и звучни записи од терен.
Вечерва во 21.30 часот настапуваат „Калико“ и „Корка“, два свежи и алтернативни македонски бенда. Концертот, како и целосната фестивалска програма, има хуманитарен карактер. Сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата „Супорт Кочани“.
Како дел од програмата се реализираат работилница за аматерски филм „Само сними“ со Јане Алтипармаков и работилница за креативно пишување „Приказни од природонаучен“ со Марија Бошковска, како и работилница за костими од картон „Животински костим – чувари на природата“ со Доротеј Нешковски и Ана Трајковска. Работилницата за изработка на сѐ и сешто во маало плус сам свој точкар, под водство на Никола Писарев и Озбек Ајваз, е закажана за денеска и утре во Паркот на франкофонијата, како и работилницата „Обоени приказни“ за изработка на мурал со уметницата Зорица Зафировска како ментор.
В сабота во 11 часот на Боемска 2 каде ќе има маалски базар на артизани и мал саем на книги, а во 12 часот ќе се одржи и работилница за изработка на чуднозвучни инструменти, која ќе кулминира со весел концерт на малиот оркестар „Чуднозвучни инструменти“.
Во КСП „Центар–Јадро“, Виолета Качакова и Роберт Алаѓозовски ќе ја водат работилницата за културен менаџмент в сабота од 12 до 16 часот.
Вечерта од 19 часот ќе може да се проследи на експерименталниот видеотеатарски диптих KRIEG / A-C-I-N-S-E-L-A-K, кој за првпат ќе биде прикажан пред македонската публика. По проекцијата следува интерактивна дискусија. Двете дела – „машка“ и „женска“ верзија – преку огледални дејства ги истражуваат темите на војната, телесната и духовната агонија, хероизмот и страдањето. Автор и режисер е Иванка Апостолова Баскар, со учество на актерите Здравко Стојмиров и Филарета Атанасова информираат од „Јадро“.
Во „Јадро“, со почеток во 21.30 часот, ќе може да се проследат аматерските филмови направени за време на работилницата „Само сними“. Крајот на филмската вечер е резервиран за анимираните филмови на младата режисерка Ема Зафировска. Маалската забава ќе заврши со бендот „Големата вода“ и диџејот Боријан.