Skip to main content

Љутков во пресрет на Саемот за туризам: Руралните семејства се бренд-амбасадори на Македонија, наша гордост, историја, традиција и култура

Околу 50 излагачи од цела Македонија – производители на органска храна, локални деликатеси, зимници, слатка и други традиционални преработки, пчелари, мали, семејни винарии, но и туристички агенции, се само дел од учесниците на Саемот за туризам: рурални домаќинства што ќе се одржува утре и задутре во Скопје.

Организаторите најавуваат два дена исполнети со автентични вкусови, знаења, искуства и инспирација од македонското рурално богатство, програма со презентации, дегустации, гастрономски работилници, музички перформанси и разговори на тема рурален и одржлив туризам.

Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на денешната прес-конференција што се одржа по тој повод.

Во своето обраќање, министерот истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на Министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.

Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите долж оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа“, изјави Љутков.

За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат.

Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.

На Саемот, претстојниов викенд,  ќе учествуваат околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, Швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.

Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на Саемот ќе присуствуваат и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите ќе бидат обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.

Ги поканувам граѓаните да дојдат, да ги запознаат автентичните вредности на Македонија, да вкусат локални деликатеси и да ги доживеат руралните убавини на Македонија“, порача министерот Љуткова.

Влезот на Саемот е бесплатен, а посетителите ќе добијат ваучер со 15 отсто попуст и на производите и на услугите што руралните домаќинства ги нудат. 

Како што беше речено на денешната прес-конференција по повод Саемот, руралните семејства се бренд-амбасадори на Македонија, наша гордост, историја, традиција и култура. Во земјава досега се мапирани повеќе од 100 рурални домаќинства, а според последните податоци, за една година двојно е зголемен интересот кај младите за развој на еко-туризмот. Има и преку 4 000 земјоделски домаќинства, секое со потенцијал за развој на рурален туризам. Со оглед дека недостасуваат сместувачки капацитети, битно е вмрежувањето на домаќинствата – едни да нудат производи, а други сместувања.

Саемот предвидува и креативни, како и едукативни детски работилници, но и средби со луѓе кои ја живеат и ја споделуваат руралната приказна. На едно место ќе ги обединиме најавтентичните агро-еко приказни од Македонија, ќе ги приближиме руралниот и искуствениот туризам до пошироката јавност и ќе покажеме дека патувањето не е само дестинација, туку и доживување, поврзување и учество во секојдневниот селски живот, велат од „Јавна соба“, која е еден од организаторите и местото каде ќе се одржува овој настан.

Додаваат и дека е педвидена богата програма за домашни и странски посетители, туристички професионалци, семејства и за сите љубители на автентични рурални доживувања.

-Саемот ќе го промовира локалното производство и директното поврзување на посетителите со производителите. Секој производ носи своја приказна, регионален идентитет и знаење пренесувано на генерациите. Овој настан е дел од пошироката визија за одржлив и креативен туризам, развој на туризмот по должината на трасата Е-75, развој на руралните средини и акцентирање дека посетителот во Македонија не е само гостин, туку активен учесник – некој што останува подолго, учи, вкусува и се поврзува со местото и луѓето, потенцираат од „Јавна соба“. 

Во рамки на Саемот ќе бидат достапни информации за организирани активности во руралните домаќинства, настани во природа за групи и поединци, како и гастрономски и вински пакети. Промовиран ќе биде и публикација за агро-еко туризам – вид прирачник за руралните семејства што треба да им помогне во градењето и развојот на бизнисот.

Саемот го организираат Министертвото за култура и туризам, „Јавна соба“, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ

Поврзани вести