
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска во Струга и лично да се запозна со состојбата со оштетената спомен-куќа на Владо Малески– објект кој има големо историско и културно значење за нашата држава.
Вчера, Управата за заштита на културното наследство испрати инспекциска служба која изврши увид на терен. Констатирани се сериозни оштетувања настанати при изведба на градежни активности на соседна парцела. По извршениот увид ќе следат соодветни пријави согласно законот.
Како министер за култура и туризам, најостро го осудувам секое неодговорно постапување што доведува до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, несовесност или краткорочни интереси.
Она што сакам посебно да го истакнам е дека веднаш ќе започнеме проект за обнова и реставрација на спомен-куќата на Владо Малески, со цел да се зачува нејзиниот автентичен изглед и историскиот дух што го носи овој дом на авторот на македонската химна.
Министерството за култура и туризам ќе ги вклучи сите надлежни институции, стручни лица и експерти, за обнова на објектот што ќе биде изведена професионално и во целосна согласност со принципите на заштита на културното наследство.
Како министер, останувам целосно посветен на зајакнување на системот за заштита, промоција и вреднување на нашето културно наследство, кое претставува дел од идентитетот, достоинството и континуитетот на македонскиот народ, рече Љутков.