Skip to main content

Љутков на локалитетот Виничко кале: Виница е и мора да остане значајна точка на културната и на економската мапа на државата

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, денеска при посетата на Виница беше на археолошкиот локалитет Виничко кале.

По цели седум години институционално запоставување, денес конечно се враќаме со конкретни инвестиции и проекти од областа на културата овде, во Виница – општина која подолго време беше оставена надвор од стратешките културни политики. Тоа се менува. Денес покажуваме дека и помалите општини, како Виница, заслужуваат системска поддршка и внимание, особено кога станува збор за заштита и промоција на културното и историското наследство, рече Љутков.

На археолошкиот локалитет Виничко Кале, каде што денес се наоѓаме, е откриено едно од најзначајните богатства на македонската археологија – теракотните икони, уникатен културен феномен со ретка уметничка и духовна вредност. Овие икони, со својата симболика, стил и содржина, сведочат за ранохристијанското минато на овој крај и претставуваат врв на културното наследство не само на Виница, туку и на целата држава. Тие се препознаени и ценети и надвор од нашите граници и се важен дел од европската и светската културна мапа.

Во 2026 година Министерството за култура и туризам, преку своите институции: НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, НУ Археолошки музеј – Скопје и локалниот Музеј „Теракота“ – Виница, ќе започне со реализација на сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот. Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за јавноста.

Целта е Виничко Кале да стане централна точка за културен туризам, научни истражувања и едукативни програми во овој дел на државата. Тоа не значи само зачувување на наследството, туку и нова перспектива за економски и туристички развој на целиот регион. Локалитетот ќе стане жив културен простор, отворен за сите граѓани, посетители и идни генерации.

Денес ќе ги посетам и сите локални институции од областа на културата. Сакам да нагласам дека Општина Виница, во изминатиот период, вложи значителни средства и напори во обнова на културната инфраструктура. Завршена е реконструкцијата на киносалата, која доби нов покрив и фасада, а целосно е обновена и Сината сала при Домот на културата „Тошо Арсов“ – простор кој денес повторно живее со настани, концерти и театарски претстави.

Ова е доказ дека со јасна политичка волја, стратешка поддршка и локална посветеност можеме да постигнеме многу. Виница е и мора да остане значајна точка на културната и на економската мапа на државата. Овој модел на успешна децентрализација ќе продолжи да се применува низ целата земја затоа што секоја општина заслужува еднаков пристап до култура, развој и иднина.

Поврзани вести