Skip to main content

Изложба во МСУ Скопје по повод одбележување на 30 години соработка меѓу САД и Македонија

На 10 септември (среда) во 19 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје ќе биде отворена изложбата „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта“, архивски асемблаж и интервенција на Кумјана Новакова во рамките на одбележувањето на 30 години соработка помеѓу САД и Македонија, соопштија од Музејот.

Ова е обид да се евоцира можноста дека секоја колекција можеби е, би можела да биде, како што секогаш е – бесконечна. Како што и секое отсуство, изоставање и бришење во рамките на една колекција не е ништо друго туку присуство. Преку прибирање на архивското, на (не)видливите елементи од оваа наша колекција и на можните и невозможните искуства и врски, ова е прибирање на нашите многубројни можни мината.

Минато, или попрецизно, минатост што би можела да биде, минатост која ѝ е можеби потребна, и на која нашата жива сегашност можеби се надева.

Замислена во форма на белешки кон невидлива колекција од желби, како уметничко истражување на можното, ова е само една од многуте замисливи архивски и документарни интервенции во видливата и невидливата колекција на МСУ-Скопје, се вели во соопштението на МСУ.

Оваа интервенција предлага спекулативен поглед на историјата на колекцијата на Музејот, првично реагирајќи на присуството на американските и на авторите и авторките со седиште во САД, како и на потенцијалните врски помеѓу уметничките простори на САД и прво Југославија, а потоа и Македонија, со цел критички да се осврне на просторите на создавање и да отвори можности да многубројните мината се третираат како отворени (не)режими.

Изложбата обединува архиви, дела и размисли на Сараи Шерман, Џаспер Џонс, Ен Черноу, Бурт Черноу, Кристо Јавашев, Метка Крашовец, Тадеуш Мисловски, Луис Камницер, Џеф Расел, Петар Хаџи Бошков, Роберт Јанкулоски, Дуња Иванишевиќ, Роланд Балади, Дијана Томпсон, Кумјана Новакова.

Изложбата ја реализира МСУ Скопје, со поддршка на Министерство за култура и туризам и Амбасадата на САД во Македонија. Во нејзината реализација придонесоа Државниот архив на Македонија, Кинотеката, Националната академија за дизајн, САД.

. . .

Поврзани вести