Skip to main content

Изложба „Ултрамарин“ на Јана Куновска во КИЦ

Самостојната изложба на слики „Ултрамарин“ на ликовната уметница Јана Куновска ќе биде отворена денеска во 20 часот во Изложбениот салон „Империјал 1“ при Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје. Поставката ќе може да се погледне до 24 јуни.

Куновска, која дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и моментално е на докторски студии на Универзитетот „Метрополитен“ во Белград, досега има реализирано 68 самостојни и групни изложби во земјава и странство. Воедно, долги години работи во областа на графичкиот дизајн, за што е добитничка на три награди.

Изложбата „Ултрамарин“ го претставува нејзиниот најнов циклус од 12 дела под наслов „Птици“, во кој авторката прави значаен исчекор кон минимализам и прочистен израз. За разлика од претходните циклуси обележани со урбана симболика, фигуративни мотиви и наративни сцени, во овој нов опус Куновска се насочува кон небесни пространства, прикажани преку монохроматски ултрамарин тонови и суптилни силуети на птици.

Делата се конципирани како панорамски приказ на небо, со што се нагласува темата на бескрајот, слободата и тишината, а минималистичкиот пристап отвора простор за длабока контемплација. Во галерискиот простор, платната се поставени како целина што функционира како „прозорец“ кон небесниот простор, додека три дополнителни дела сведочат за преодот од претходниот фигуративен израз кон новата, редуцирана естетика.

Поврзани вести