
На 11 јуни (четврток) во Лапидариумот на НУ Музеј – Куманово, од 19 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска, во издание на Или-Или од Скопје. Книгата низ разговор со авторката ќе ја промовира Наташа Атанасовска.
Од самото објавување во март годинава, „Ништо нормално“ предизвикува одлични реакции и интерес кај читателите со својата оригиналност, провокативност, раскошниот стил и актуелните теми во чиј центар е обичниот човек исправен пред предизвиците на современото живеење.
Промоторката Наташа Атанасовска (1977, Куманово) е една од оснивачките на читателскиот клуб во Куманово што постои и активно работи веќе 15 години. Таа е преведувачка и магистер по конференциско толкување.
Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг.
Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“.
Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“ а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.
Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ (Или-Или, 2021, 2022, 2024) е прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик.
Во 2022 во издание на „Чудна шума“ ја објавува книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“.
Во 2024 година го објавува вториот роман „Леска Брезоска“ во издание на „Или-Или“.

Македонски



