Skip to main content

Изложба „Реконфигурација“ од скулпторот Слободан Милошески во Гевгелија

Во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија утревечер (20:00) ќе биде отворена изложбата „Реконфигурација“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 12 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните три години во материјал инокс, а гевгелиската публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 2 октомври во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025“.

-Скулптурите се составени од огледални фрагменти кои ја прекршуваат светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ. Така, секој фрагмент одразува различен аспект од идентитетот на гледачот, при што делото станува огледало на личноста и симбол на саморефлексија. Овој принцип овозможува повеќеслојно искуство-од визуелни оптички ефекти до активирање на меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум, се наведува во информацијата од авторот.

Додава дека распоредот на елементите во скулптурата е внимателно дизајниран, постигнувајќи хармоничен баланс помеѓу просторот и формата.

-Композицијата го повикува набљудувачот да се движи околу делото, при што се создава постојан дијалог меѓу уметничкото дело и гледачот. Така, рефлексијата не се доживува како линеарен процес, туку како повеќеслојна конструкција која ја симболизира комплексноста на човечкиот идентитет и еволуцијата на самоперцепцијата, истакнува Милошески.

Досега има реализирано 35 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , „Награда за скулптура“ доделена од ДЛУМ во 2020 година , наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.

Во неговата биографија се забележани реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: скулптура на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптурата „Секвенци на рефлексија“ во Младински кулптурен центар- сите поставени во Скопје.

Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 година е дел од Управниот одбор на друштвото. Работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.

Поврзани вести