
На 6 октомври, понеделник, во 19 часот, во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Падот на ангелите” од уметникот Никола Пијанманов.
Изложбата е поддржана од Министетството за култура и туризам.
Уметноста не како последен бастион на креативноста и слободата на духот, туку како веќе единствена рефлексивна длабочина во која можеме бескомпромисно да си ги огледаме стврднатите души и прегорените емоции.
Последен подвиг за кој треба карактер, доблест и целосно скротена суета. И во тој морничав огледален одраз ќе ги видиме сите беспомошни и безмилосно згазени, сите луди војни и грозоморни геноциди, сета светска неправда и безумие, сиот систематски хаос и пекол кој ни ја краде сегашноста и убива иднината.
И токму за сите тие беспомошни – за девојчето чија солза е единствен знак на живот врз од смрт преплашеното лице, за очајните и болните по болничките чекалници, за проколнатите без никаква вина, за сите избодени, скршени и паднати ангели во и околу нас, за сите згаснати соништа и радости – за сите нив овие слики гласно молчат – вели Александар Еленин за изложбата од уметникот.