
Импулс
Самостојна изложба на Сара Андоновска
3 март (вторник) | 20.00 часот
Изложбата може да се посети од 3 до 9 март, секој работен ден од 10.00 до 15.00 часот
Изложбата ,,Импулс” е прва самостојна изложба на Сара Андоновска и претставува пресек на нејзиното долго внатрешно созревање. Во секое дело Сара остава дел од својата интуиција, емоција и сопственото будење. Нејзината уметност не е само визуелна приказна – таа е сведоштво за моментот кога чувството надминува збор, кога внатрешната вистина добива форма и светлина. Сара верува дека уметноста е прашање, а не одговор – дијалог со себе и светот, кој се слуша со срцето и се доживува со тишина.
Импулс – тивка, но силна секунда која раѓа емоција, искра што ја руши рутината, сила што те тера да креираш. Импулсот не е само краток момент. Тој е внатрешна потреба, ненадеен судир помеѓу чувствата и свеста, миг во кој нешто долго потиснато конечно бара да биде признаено. Во уметничкиот процес, импулсот е првиот трепет на раката, првата боја што сака да излезе, првиот облик што се појавува пред да се роди мислата. Изложбата го прикажува тој момент на освестување – преку допир, боја и рефлексија – каде емоцијата станува форма. Во тие секунди рутината попушта, слоевите на секојдневието се распаѓаат и почнува да се појавува вистината- нежна, но моќна. Делата призлегуваат од таа кратка, но интензивна секунда на разбуденост. Тие се искрени сведоштва на мигот кога чувството преминува во движење, кога внатрешниот импулс станува визуелна приказна.
Сара Андоновска има 20 години, и е студент на факултетот за информатички науки и комјутерски инженерство – ФИНКИ. Била дел од академијата за UX/UI+ дизајн во Скала, каде го пронашла својот сопствен јазик кој ја поврзува визуелната естетика со интуитивниот дизајн. Од најмала возраст, ја изразува својата креативност преку цртање, боја и облик. За неа, уметноста е начин да се преточи невидливото во видливо – емоции, чувства, мисли, мигови што се тешко изразливи со зборови. Нејзините омилени медиуми се користење на акрил, графит и комбинирани техники со колажи од различни материјали. Преку делата, таа пренесува пораки и приказни на метафоричен начин, оставајќи во секое дело дел од себе. За неа, секое создадено дело си има посебно место во нејзиното срце.

Македонски

