
Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, в понеделник, на 14 април на сцената од Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со почеток во 20 часот, ќе ја изведе претставата „Хинкеман“ од Ернст Толер во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Играат: Бобан Алексоски, Надица Петрова/Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, музиката е на Лука Тошев.
„Хинкеман“ е копродукциски проект со фестивалот „Млад отворен театар“, со кој и се отвори минатогодишниот 49 МОТ во Скопје.
Текстот напишан во 1923 година, се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество. Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Јуџин Хинкеман, воен ветеран кој се враќа дома физички и психички ранет, ги симболизира многуте оние кои се напуштени од системот во оној момент кога повеќе не се потребни како работна сила и можност за заработка. Тој е дел од оние кои не се вклопуваат во крутите правила на мажественоста и претходно зададените стереотипи или општествени очекувања. Човештвото е навикнато на исмејувајување на туѓите трауми, покажувајќи ги како симболи на неуспех. Виктимизацијата е проследена со јавно понижување, а Хинкеман, oтфрлен од општеството и принуден да работи како циркуски „изрод“ во т.н freak shows, станува симбол за тоа како светот ги третира своите најранливи луѓе – претворајќи го нивното страдање во спектакл за забава. Претставата покажува колку длабоко вкоренетите предрасуди и стравот од непознатото создаваат култура на булинг и малтретирање, каде што општеството ги малтретира оние кои отстапуваат од нормата – без разлика дали поради физичкиот изглед, половите улоги или било која друга согледана различност. – вели режисерката Тамара Стојаноска.
В среда, на 16 април на сцената од театарот „Битеф“ во Белград, Србија ќе се одигра претставата „Добри луѓе“ според текстот „Lungs“ на Данкан Мекмилан. Режијата и адаптацијата се на Тамара Стојаноска. Играат: Тијана Трајчевска и Филип Христовски, музиката е на Ива Дамјановски, а дизајнот на плакатот за двете претстави го изработи Бојана Цилевска, извршен продуцент е актерот Бобан Алексоски. Ова гостување е во рамките на манифестацијата „Месец на независна сцена“ која се одржува секоја година во театарот „Битеф“.
„Добри луѓе“е дуодрама работена според Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси. „Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири. Ликовите живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што ликовите постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување. – се вели во описот за претставата.
На истиот датум(16.04) во продукција на Театар „Златен Елец“ во Гевгелија на манифестацијата „Град на културата 2025“ ќе настапи Надица Петрова со нејзиното најново стендап шоу „Нада, Натчето, Надето и нешто плус“, а наскоро ќе има премиера и во Скопје, како и во другите градови низ државата.
Театар „Златен Елец“ ќе ја продолжи низата гостувања низ државата и пошироко и во наредните месеци. Во следниот период ќе се работат две или три големи театарски продукции, кои моментално се во предпродукциски подготовки.