
Насловот на романот што годинава ќе понесе титулата „Роман на годината“ ќе биде познат во петок, на 13 март, во 13 часот. За тогаш, имено, организаторот на конкурсот, Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје, има закажано прес-конференција на кое ќе биде соопштено името на авторот и на добитничкиот роман.
Наградата „Роман на годината“, која годинава се доделува по 27-ми пат, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител на наградата е Комерцијална банка АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи, а жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), по направени неколку селекции одбра шест романи што влегоа во најтесниот избор за наградата: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Maкедоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“), „Три Марии: (роман – басма)“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).
Минатогодишен лауреат беше романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

Македонски

