Skip to main content
APffkyoESgM

Денес е Меѓународен ден на танцот: Авторка на македонската порака е примабалерината Зоица Пуровска-Велевска, а на светската пораката е канадската кореографка е Кристал Пајт

Денеска е Меѓународен ден на танцот 29 април 2026. Авторка на домашната порака е извонредната Зоица Пуровска-Велевска (примабалерина доајен). Авторка на светската порака е прекрасната канадска кореографка е Кристал Пајт.

Двете ги напишаа своите одлични и супер инспиративни пораки.

ПОРАКА НА ЗОИЦА ПУРОВСКА ВЕЛЕВСКА ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТАНЦОТ (29.04.2026)

Добив задача да се обидам да раскажам вистина за најубавата уметност на светот. Во моите очи таа постои како елегантна, достоинствена и угледна танцова дама. Заводничка на сцената за сите креативни апетити кои ја негуваат нејзината вредност. Во мојот случај, танцот беше и остана главната светла водилка покрај сите угледни и не толку угледни животни ситуации. Првата моја средба со танцот беше љубов на прв поглед, вечна игра која ја насладуваше душата. И затоа се сметам за исклучително богата личност која својот битисувачки темел го насади во балетските сали. Таму се одвиваше животот во овој краток век. Така почна, со многу љубов, посветеност, пожртвуваност и одрекување и следствено доведе до една плодна плејада на богата балетска кариера. Безвременски балетски улоги кои ја градеа и менуваа идентитетската структура на мојата личност и ја збогатија суштинската моќ на смислата на начини непоимливи за временската ограниченост. Танцот нема време, нема простор, тоа е постојан ритам на животни соништа кои творат за лична и колективна сатисфакција. Нејзината невербална поетика раскажува приказна од едни и други, но поважно е дека танцовата творба не препознава граници, не препознава пречки ниту различности. Единствено нешто што и е својствено е нејзината интеркултурна сплотеност преку универзалната азбука на емотивно нијансирање. Тоа е танцот, комуникација на скалата на емотивна длабочина која е врежана во генетскиот код на човечкото суштество. Танцот допира, препознава, поврзува, пренесува и гради мостови на музички прегратки и движечки мисли. Нема поголем гест на љубезност и почит од оној во танцовиот израз и затоа во новите денови на брз ритам добро е да ја користиме нејзината позитивна моќ заради креирање здрав стимул на општествено свесни личности, кои единствено ги создаваме во договор со културните домови за силна животна промена. Хибридно единство што го губи модерниот човек се пресретнува на танцовата сцена која живот значи. За едни здив, за други спасение, за трети стил и потреба. Танцот е нишата која природно е вплетена во сечија духовна глад за убава вистина. Нема подлабока мисла и поголема чест од таа. Го честитам Светскиот ден на танцот, на сите директни учесници во сценскиот живот, на сите индиректни заштитници и секако на љубителите кои секој ден танцуваат низ животот. Честит Светски ден на танцот, 29 април 2026 година. ПУРОВСКА-ВЕЛЕВСКА, Зоица (Скопје, 16. Ⅸ 1956) – балерина. Балетското образование го добива во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на Е. Кушовска. Заминува на специјализација во Москва (1975-1976). Член на Балетот при МНТ како солистка (1974-2000), а набргу и првенка. П.-В. се истакнува со сигурна и чиста класична техника, бравурозност, облагородена со Зоица Пуровска-Велевска со Зоран Велевски на сцена емотивност и артистичка креативност. Уметнички директор на Балетскиот ансамбл (1997-1999). УЛОГ: Мехмене Бану (А. Меликов, „Легенда за љубовта“), Жизел (А. Адам, „Жизел“), Одета и Одилија (П. И. Чајковски, „Лебедово езеро“), Китри (Л. Минкус, „Дон Кихот“) и др. Ем. Џ. Фреска со ликовите на пустиножителите: св. Прохор Пчињски, св. Иван Рилски, св. Гаврил Лесновски и св. Јоаким Осоговски од црквата „Св. Архангел Миахаил“, с. Лесново, Злетовско (1341)


Кристал Пајт, Канада (Кореографка) Порака за Меѓународниот ден на танцот 2026

Луѓето се движат, нашите раце се подаваат, колената ни попуштаат, главите ни се наведнуваат, градите ни се вовлекуваат, грбот ни се извива, скокаме, слегнуваме со рамениците, ги стегаме тупаниците, се подигнуваме едни со други и се оттурнуваме. Ова е јазик исто толку колку што е и дејство. Ова е она што телото има да го каже за потребата, поразот, храброста, очајот, желбата, радоста, амбивалентноста, фрустрацијата, љубовта. Овие слики блескаат со значења во умот затоа што сме ги почувствувале толку чисто, во телото ние сме биле допрени, раздвижени.

Сите ние сме танчери. Животот нè движи; животот танцува преку нас; ефемерен како здивот, конкретен како коската, танцот е создаден од нас; ние го обликуваме просторот. Пишуваме со телото на беззборен јазик кој длабоко се разбира. Кога танцуваме, му даваме благородност и благост на просторот во нас и околу нас.

Како и животот, танцот се создава и се разградува во секој миг. Како љубовта, тој е надвор од разумот.

Сакам да мислам на телото како на локација; место каде што постоењето се задржува и се обликува. Кога танцуваме, ние сме длабоко ангажирани во самото „да се биде“ таму.

Ова го пишувам во почетокот на 2026 година, во време кога изгледа дека нема крај на угнетувањето, превирањата и страдањето во светот. Секојдневно сме сведоци на ужасите на кои луѓето се способни едни кон други, како и на механизмите на моќта што финансираат и поттикнуваат неизречливо насилство врз луѓето и планетата и во таков контекст, танцот може да изгледа како површен, бескорисен одговор. Тешко е да се замисли што може да направи еден танцов уметник во свет што толку очајно има потреба од радикална промена и исцелување.

А сепак уметноста, како и надежта, е форма на љубов; и покрај сквернавењето, таа тврдоглаво создава; уметноста е раствор што го омекнува вкочанетиот ум и мелем што го лекува. Таа е сад што нè држи додека заедно се соочуваме со прашањата на начин поинаков од вестите, поинаков од документарното и образованието, поинаков од мислењата и социјалните мрежи, поинаков од активизмот и протестите, но не и неспоив со нив.

Преку креативноста, ние акумулираме отпор и надеж преку мали чинови на храброст, љубопитност, добрина и соработка. Во танцот и во создавањето танц, наоѓаме доказ дека човештвото е повеќе од нашите најнови глобални неуспеси што го кршат срцето.

Но танцот не бара оправдување, ниту објаснување. Тој е создаден од нас, но ништо не ни должи. Потребно му е само тело што е подготвено да го прифати. Од таа локација, тој може да го преведе неискажливото, дејствувајќи како посредник меѓу нас и непознатото.

Ние сме допрени од овие исчезнувачки траги на убавина во сегашниот миг; и додека го отелотворуваме и танцот; и неговото исчезнување, се потсетуваме на нашата минливост. Во исто време, ако внимаваме, танцот повремено ни нуди и миговен увид во душата.

Превод од англиски на македонски јазик: д-р Иванка Апостолова Баскар (Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА)

Канадската кореографка Кристал Пајт е поранешна членка на Балетот на Британска Колумбија и на ансамблот Балет Франкфурт на Вилијам Форсајт.

Crystal Pite mentor, portrait

Во кореографска кариера што опфаќа 35 години, Пајт има создадено повеќе од шеесет дела за компании како Кралскиот балет, Холандскиот театар за танц, Париската опера и  Балет, и Националниот балет на Канада. Позната е по дела што храбро обработуваат теми како траума, зависност, конфликт, свест и смртност; нејзината смела и оригинална визија ѝ донесе меѓународно признание и инспирираше цела генерација танцови уметници.

Таа е придружен уметник во три институции: Холандскиот театар за танц, Садлерс Велс (Лондон) и Националниот центар за уметности на Канада. Носителка е на почесен докторат по ликовни уметности од Универзитетот Сајмон Фрејзер, членка е на Орденот на Канада и носителка на одликувањето Офицер на Редот на уметности и книжевноста на Франција.

Во 2002 година го основа Кид Пивот во Ванкувер, компанија што се стреми да ги дестилира и преведе универзалните прашања во уметнички дела што нè поврзуваат со суштинските аспекти на човечноста; светски позната по радикалните хибриди на танц и театар, Кид Пивот меѓународно гостува со високо ценети дела како Betroffenheit, Revisor и Assembly Hall (ко-креирани со Џонатан Јанг), The Tempest Replica, Dark Matters, Lost Action и The You Show.

Меѓу бројните признанија на Пајт се и Наградата за изведувачки уметности на Генералниот гувернер на Канада (2022), Наградата за танц Jacob’s Pillow (2011) и Наградата Jacqueline Lemieux на Канадскиот совет (2012). Во 2017 година ја добива наградата Benois de la Danse за делото The Seasons’ Canon во Париската опера и балет, а во 2018 година и Големата награда за танц на Монтреал. Добитничка е и на пет награди Сер Лоренс Оливие за креации со Кид Пивот и Кралскиот балет.