
Ви благодарам на честитките, убавите коментари и позитивни реакции по повод премиерата на филмот. Да живее македонскиот филм и да имаме уште многу убави поводи за филмски средби. А за оние кои сѐ уште не го гледале, потсетување дека во тек се проекции на филмот во повеќе градови низ Македонија, рече актерот Васил Зафирчев по проекцијата на филмот „Утре наутро“ во неговиот роден Велес.

2025 година ја заокружи со премиерата на филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи, но Зафирчев кого публиката досега имала можност да го види не само како актер, туку и како танчер, пејач, режисер…вели дека сите негови досегашни форми на уметничка креација, во основа ја имале неговата изразена актерска природа, како можност за активно промислување на животот, во него и околу него, но и потребата преку позајмување на други идентити различни од неговиот, да се раскажат и оживеат туѓите животни приказни.

Васил Зафирчев дипломирал во 2002 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Веднаш потоа, настапувал во повеќе театри во Македонија – Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, народните театри во Велес, Прилеп и Струмица и Македонската опера и балет, каде остварил повеќе улоги. Исто така има бројни улоги во телевизиски серии и на филм. Добитник е на сите престижни глумечки награди во Македонија, меѓу кои и на највисокото глумечко признание „Ристо Шишков”, како и на повеќе меѓународни театарски награди.

Од 2004-2006 година Зафирчев бил Претседател на Здружението на драмски уметници на Република Македонија – „Џинот”. Од 2006-2007 година Зафирчев бил професор на Глумечкиот факултет при Славјанскиот универзитет во Битола. Од 2006-2007 година бил професор по глумечка игра во средното балетско училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Од 2006 до 2008 година бил вработен во Драмски театар, Скопје, а денес е актер првенец во Театарот “ЈХК-Џинот” од Велес.
Годинава ја заокруживте со премиерата на филмот „Утре наутро“ на режисерот Јани Бојаџи. По скопската премиера, филмот беше прикажан и во повеќе градови низ земјава на кои и самиот присуствувате. Какви се реакциите на публиката?
Силно емоционални, честопати и потресни. Публиката ја препознава актуелноста и курентноста на филмот, се идентификува со неговата порака, а голем број гледачи имаат дури и потреба со нас да ги споделат сопствените животни искуства кога самите биле жртви на дискриминација и корупција од секаков вид. А за нас актерите тоа е исклучително важно, бидејќи потврдува дека филмот длабоко комуницира со публиката и нејзиниот хоризонт на емоционално и естетско доживување.
Филмот има мошне интересна актерска екипа. Може ли да ни кажете како течеше снимањето? Имавте ли предизвици?
Снимањето се одвиваше во извонредно креативна и творечка атмосфера. Што впрочем и се очекува кога на едно место ќе се соберат луѓе кои делат иста или слична верба во сродни значења и вредности. Но, она што мене лично најмногу ме фасцинираше, беше фактот што покрај вербата, високиот професионализам и посветеноста, целокупната екипа покажа и силен личен ентузијазам во реализацијата на филмот, што е секако редок феномен во нашата и онака скудна филмска продукција. Главниот предизвик беше како максимално и до крај да се извлече животната веродостојност на секој од ликовите и на најавтентичен начин да се одигра и раскаже нивната приказна.

За потребите на улогата на Рустем требаше да говорите ромски јазик. Како ја градевте улогата? Тешко ли одеше изучувањето на јазикот?
Улогата ја градев интуитивно, но и промислено, преку бескрајна доверба и фантастична соработка со режисерот и колегите актери. Голем предизвик беше изучувањето на ромскиот јазик, особено неговата колоквијална форма, но и истражувањето на главните аспекти и специфики на Ромите како народ, нивниот начин на мислење и чувствување, нивната животна традиција, но и нивната поетика и естетика кои одсекогаш ме фасцинирале и кон кои секогаш сум имал длабоко емоционално препознавање.

Уметноста е Вашата најголема страст, во сите нејзини форми. Актер, пејач, танчер, режисер… Каде се пронаоѓате? Каде најмногу уживате додека работите?

Сите мои досегашни форми на уметничка креација, во основа ја имале мојата изразена актерска природа, како можност за активно промислување на животот, во мене и околу мене, но и потребата преку позајмување на други идентити различни од мојот, да се раскажат и оживеат туѓите животни приказни.

Добитник сте на престижни награди во Македонија и странство, меѓу кои и на највисокото глумечко признание „Ристо Шишков“. Како ги доживувате наградите? Како обврска или потврда за сработеното?
Наградите се валоризација на трудот, потврда за остварените актерски креации, но и одговорност во секој еден ангажман да се биде на своето постигнато уметничко ниво.
Разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива

Македонски



