
Во рамките на промоцијата на строипот и дигиталната уметност, Францускиот институт во Скопје и „Макстрипови“, во соработка со Младинскиот културен центар, организираат иновативен настан кој претставува спој на стрип, музика и технологија, наменет за сите возрасти, а особено за младата публика.
Се работи за цртачки концерт и интерактивна претстава со ВИДУ, дигитален уметник, во музичка придружба на пијанистката Марина Васиљева, а ќе се одржи в четврток 29 мај 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Младинскиот културен центар.
Влезот е слободен, со претходна резервација на culture@ifs.mk
Инаку, во текот на целата недела, од 26 до 30 мај, за време на уметничката резиденција на францускиот стрип артист ВИДУ, ќе се одржат:
– креативни работилници наменети за повеќе од 100 средношколци и студенти, со цел да се воведат учениците во дигиталните уметности и стрипот,
– семинар за професорите по француски јазик, чија цел е да ги прикаже иновативните педагошки алатки за користење на дигиталниот стрип за време на часовите по француски јазик, и
– креативна размена со локални стрип цртачи, во организација на „Макстрипови“.
Ги покануваме сите љубители на уметноста, на дигиталните технологии и на иновативните уметнички формати, да ни се придружат на овој настан!