Skip to main content
x8pduhmOBqk
Лилјана Пандева, авторка на романите „Два Божика“ и „Божик под Беласица“

Божик е Божик! Каде и да сме Божик се слави!

Можеби се прашувавте што да читате за празниците или кој е совршениот божикен подарок. Еве го решението, тука се романите „Божик под Беласица“ и „Два Божика“ од Лилјана Пандева.

Двете книги ги поврзува прославата на Божик. Двата романа имаат една заедничка нишка, а тоа се пространствата, но и во едниот и во другиот роман приказната завршува во Македонија. Божик е главната оска околу која се вртат и двете приказни, а овие две книги колку и да изгледаат како љубовни романси на едно друго рамниште имаат едни сосема други разбирања и сфаќања, вели Лилјана Пандева за „Република“.

Во романсата „Божик под Беласица“, низ две наративни оски, од Банско, Струмица, преку Шкотска, до Њујорк и од Њујорк, преку Истанбул, до Банско, Струмица, во два различни историски периода, ве внесува во магијата на божикните празници. Во денешнината, од 25 декември до 7 јануари, животот на Катарина Вотерман целосно се менува, во потрага по корените и неочекуваното наследство од прапрадедо ѝ, Џорџ Вотерман, таа пронаоѓа богата природа, лековити води, топол дом и секако, љубов! Повеќе од сто години пред неа, Ѓеорѓе Водарот, го изодува обратниот пат, од сиромашниот, осамен живот под падините на Беласица кон градот на соништата и можностите – Њујорк. И сето тоа зачинето со љубов, хуманост и со малку магија од божикната паричка.

Ќе се почувствувате како во еден од филмовите на „Халмарк“‘ во кои една девојка, најчесто од Њујорк, од најразлични причини ги поминува божикните празници во некое мало идилично место што живее само за празниците. Роман за сите што некогаш посакале да се почувствуваат вака и за оние што ја заборавиле моќта на Божик.

Не знам дали сме ја заборавиле моќта на Божик. Можеби само беше потисната во некое далечно минато. Во моето семејство секогаш се славел Божик, мајка ми секогаш правела лепче со паричка. Магијата на Божик секогаш постоела во моето семејство, можеби дел од тоа имам пренесено, особено во „Божик под Беласица“, бидејќи самиот чин на кршењето на лепчето во суштина е дарување. Вие ги дарувате сите луѓе кои се околу вас на масата, но и светците кои се наши чувари, смета Пандева.

„Два Божика“, пак, е ведра и преубава романса, со многу хумор, но и малку горчлива вистина. Романот нѐ носи во Брисел, во Амстердам, во Лутон, во Охрид, во Софија и во Скопје и тоа токму овој период од годината. Приказна со многу бои, мириси, слоеви… што се чита во еден здив и се доживува со сите сетила!
Дваесет дена пред Божик (25 декември) Дона ја чувствува таа прекрасна еуфорија во градот Брисел. Иако е навикната подоцна да слави сепак не може да и’ одолее на таа атмосфера. По напорниот работен ден одлучува да се почасти и си купува една вафла покриена со бело чоколадо. Но нема среќа да ужива во слаткото задоволство, таа чест ја има нејзиниот капут.
Што е пострашно од растопено чоколадо на бело капутче? Растопено чоколадо и разлеан црвен соја сос на бело капутче. Вечерата на еден костумосан господин завршува исто како нејзината. Наместо да му се развика за невнимателноста, Дона почнува неконтролирано да се смее. Па тој не знае како да ја сопре освен со бакнеж. И го прави токму тоа. Тој бакнеж води кон запознавање на Дона со Хари Потер. Да, точно прочитавте. И не, тоа не е момчето волшебник од книгите на Џ.К. Роулинг. Тоа е еден згоден костумосан маж кој по некоја случајност и’ е сосед на Дона. Тие се запознаваат и дознаваат колку всушност се разликуваат и од колку различни земји потекнуваат. Дона чие име е всушност Македонка родена е во Македонија, но по сплет на околности добива виза за работа и веќе четири години работи во ЕУНИК, а Хари кој е Англичанец работи во Брегзит групата.
Како што се запознаваат така се’ повеќе развиваат симпатии еден кон друг. Но дали тоа е љубов или само мала авантура? Дали и покрај сите различности тие ќе останат заедно? Дали вреди да се бори за таа љубов?

Подготвија:

новинар: Невена Поповска

фото/видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести