
Во чест на јубилејот, Кинотеката на Македонија вчера одржа свеченост на која во присуство на бројни почитувачи на филмската уметност, претставници на политичкиот живот и соработници одбележа 50 години постоење. Во рамките на свеченоста беше отворена ретроспективна изложба — 50 ГОДИНИ КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА. Од архивски материјали до незаборавни моменти од постоењето на кинотека, изложбата ја раскажува приказната за половина век филмска култура. Кинотеката веќе 50 години ја чува и промовира филмската меморија и културното наследство.
Бошко Грујоски, директорот на Кинотека во своето обраќање истакна дека вистинска чест е да славиме еден извонреден јубилеј: годишнина на една институција – 50 години работа на Кинотеката на Македонија.
Сепак, 50 години не се само значаен јубилеј. Тоа е половина век посветеност кон зачувувањето на еден важен сегмент на националниот идентитет; тоа е половина век посветеност кон македонската филмска историја и култура. Тоа се години кои се несебично професионално вградени во заштитата на филмското наследство, во чувањето и реставрирањето на филмските дела, во постојаното споделување на филмските креативни приказни, впишани на аналогните и дигиталните медиуми. Тоа е период на континуирно прибирање, чување, каталогизирање, архивирање, истражување и публикување на културно вредни филмски и аудиовизуелни содржини – едноставно, тоа се години свесно вложени и посветени во зачувување и презентирање на подвижните слики, години вложени во филмот како неизбежен дел од националната културна меморија.
Уште од 1976 година, Кинотеката е чувар на нашето аудиовизулено наследство. Таа ги прибира, чува и заштитува делата на генерации филмски автори, кои преку своите дела успеваат да го откријат духот на своето време, кои преку филмскиот јазик поставуваат прашања и преку естетскиот говор ни откриваат специфични начини како да се гледаме и дефинираме себеси, но и светот во кој живееме и делуваме.
Како сведок на општествени и политички промени, на технолошки револуции и културни трансформации, Кинотеката останува посветена на својата мисија, не губејќи ја од вид својата основна цел и мисија: да го сочува минатото и да го направи достапно на денешницата и на иднината…
Тоа е голем залог за генерациите што доаѓаат.
Во денешниот свет, кој забрзано се движи, сликите и записите секојдневно се создаваат, и уште побргу, во речиси истиот миг се забораваат, бришат и исчезнуваат. Особено со новата дигитална технологија денес, која целосно ја заменува аналогната. Во вакви нови општествени и технолошки услови, Кинотеката како чувар на филмското наследство добива ново големо значење, бидејќи во нејзините депоа не лежат само филмски ленти, мемориска граѓа, документи и фото материјали. Секој запис од каков било вид – претставува вредно сведоштво за минатите времиња и луѓето во нив. Секоја фотографија, секое сценарио, секој пишан и снимен документ е дел од нашата колективна приказна, од нашата колективна меморија. Таа приказна не смееме да ја препуштиме на заборавот, на суровото исчезнување од реалниот – а од неодамна – и од виртуелниот простор.
Но, самиот процес на зачувување не е доволен. Кинотеката е и место на научно осознавање и истражување. Преку проекциите, ретроспективите, фестивалите и едукативните програми, како и преку симпозиумите, семинарите и работилниците кои ги организира и овозможува, Кинотеката на публиката ѝ го открива богатството на домашната и светската кинематографија и истовремено ја истакнува комуникативната моќ на филмскиот јазик и разбирањето на филмската естетика.
За идните филмските творци, Кинотеката е отворено училиште. За филмските истражувачи, таа претставува простор во кое е скриено културно и естетско богатство. За публиката, таа е ширум отворен прозорец од кој се раширува погледот кон бројни различни светови. А за сите нас, Кинотеката е општетсвен доказ дека филмот не е само забава, туку тој претставува уметнички говор и поглед кон историјата, естетски и културолошки дијалог и креативен разговор со себе си, со предците, но и со генерациите кои доаѓаат.
Денес, кога ја одбележуваме оваа `златна годишнина`, се потсетуваме и на придонесот на луѓето кои стоеле и стојат во и позади оваа наша институција. А тоа се основачите, поранешните директори, филмските архивисти, па техничарите, филмолозите и киноапаратерите, билетопродавачите, чуварите и вработените во општите служби. Сите тие придонесуваат за нејзиното континуирано функционирање. Тука неизбежно се и филмските проследувачи, проучувачи, критичари, истражувачи и теоретичари, и сите културните работници кои со несебичен ангажман ја поддржувале и помагале нашата институција низ годините на нејзиното постоење. Секако, не треба да се заборави и соработката со сродните институции, а пред се’ континуираната поддршка на Министерството за култура и Владата на Република Македонија и нивните континуирани високо професионални заложби во делувањето и работата на Кинотеката и дејноста на заштита на аудиовизуелните добра.
Ја користам оваа прилика да искажам посебна благодарност до сите претходни директори на Кинотеката, започнувајќи од нејзиниот прв директор, Ацо Петровски, потоа Борис Ноневски, Весна Масловариќ, Мими Ѓоргоска Илиевска и Владимир Ангелов, кој секој на свој начин дал значаен влог во заштитата на филмското наследство кое е израз на нашиот културен идентитет, како и за етаблирањето на Кинотеката на едно високо рамниште на домашната и на меѓународната мапа во дејноста на заштитата и промоцијата на аудиовизуелните добра.
Работата на кинотечните работници можеби изгледа нетранспарентна и прикриена од очите на јавноста, но таа е пред се’ одговорна и општетсвоно значајна активност. Благодарение на нив, идните генерации ќе имаат можност да гледаат вредни филмови историјта на македонската кинематографија, да слушнат размисли на големи филмски имиња и да ги доживеат естетските светогледи на филмските великани. Оваа дејност овозможува да ги доживееме приказните коишто не оформиле и ни дале културен и општествен идентитет.
Годишнините и јубилеите не се само причина да се осврнеме наназад – туку и повод да погледнеме напред, кон иднината. Живееме во време на секојдневни технолошки промени. Вештачка интелигенција, дигитални платформи, нови медиуми кои го трансформираат начинот на кој ги гледаме и доживуваме сликите и приказните кои се создаваат и конзумираат. Предизвиците на Кинотеката, не се само да се сочува она што постоело и што постои, туку и да се насочува низ новите контексти, да се трасира вистинскиот правец во иднината.
За такво нешто е потребна визија, инвестиции и постојана поддршка – не само од институциите и државата, туку и од културниот естаблишмент и општеството во целина.
Затоа, оваа годишнина не треба да биде само роденденска прослава, туку и обновување и редефинирање на посветеноста, на мисијата, на целта. Таа е јасна потврда на посветеноста кон сочувувањето на нашето културно наследство и на професионалната мисија – филмското творештво да продолжи да живее низ сите свои форми.
Филмот има посебна моќ. Тој ги зближува луѓето. Тој ги обединува околу некоја идеја. Тој умее да создаде заедничка емоција. Во заедничките споделени искуства, ние пронаоѓаме нешто што станува сè поретко денес, а тоа е чувството за заедништво и на еднаквост.
За крај на ова мое поздравно обраќање, апелирам до сите – да не ги славиме само изминатите достигнувања на Кинотеката, туку со отворено срце да им се радуваме на идните.
Ви благодарам на сите за присуството и укажаната чест, нека ни е „Среќна 50-годишнината“…!!!

Македонски


