
Денеска на пладне ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го одбележа големиот јубилеј – 80 години постоење. Сместена во просториите на тогашното основното училиште „Гоце Делчев“, библиотеката започнала со работа на 15 ноември 1945 година со фонд од само 3.500 книги, од кои 500 книги за деца. Денес Библиотеката поседува фонд од над половина милион книги во сите објекти (4 матични, 14 подружници и еден библиобус) и понатаму останува една од најважните културно-образовни институции во градот и државата.
Осврнувајќи се на сегашните состојби и визијата за во иднина, а во контекст на реалните предизвици кога читањето е сѐ помалку присутна вештина, директорката Снежана Стојчевска истакна:
За библиотеката да го оствари својот потенцијал, потребни се просторни, материјални и кадровски услови за работа. Неопходно е да создаваме нови, современи простори кои ќе бидат привлечни за младите, но реалноста е дека ние често се бориме да го одржиме она што веќе го имаме. Голем дел од успехот е резултат на индивидуален ентузијазам и љубов кон професијата. За библиотеките да имаат блескава иднина, потребни се визија, стратегија и план, јасна насока каде чекориме и која е нашата цел. Библиотеките не се трошок, тие се инвестиција во образованието, културата и иднината на една држава – рече Стојчевска.

Улогата на Градската библиотека како систем на знаење и вештини, кои треба да бидат во функција на денешното општество, ја потенцираше и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски:
Во време кога сѐ повеќе се одалечуваме од книгата и читањето, кога нашите деца сѐ помалку го познаваат својот мајчин македонски јазик и сѐ потешко развиваат комуникациски вештини и меѓусебно разбирање, без Бнига и библиотеките се острови на надеж. Историјата нѐ учи дека не постојат цивилизации и култури без книга, без библиотека. Нам и на нашите генерации ни останува обврската да потсетуваме на овој непобитен факт и да ја негуваме културата на читање, а преку неа и културата на паметење – подвлече Ѓорѓиевски.

Библиотеките се дом не само за книгите, туку и за човековата суштина – беше пораката и на холандската амбасадорка Н.Е Узлем Џанел, која донираше 300 книги од холандски автори на холандски јазик, но и преведени на македонски јазик, наменети за новото холандско катче во ГБСК.
Најновите истражувања за почетоците на Градската библиотека може да се следат многу пред 1945, односно од 3 јануари 1934 и одлуката за формирање на библиотека на Општина на Град Скопје, податоци кои ги презентираше советник библиотекат Гордана Андреева, а кои треба дополнително да ги истражи историската наука.

Во пресрет на јубилејот беше одржан и Меѓународниот библиотекарски форум на тема „Иднината на библиотеката: иновативно-креативни, применливи и одржливи практики“ со стручњаци од Полска и од Македонија, како и претставници на издавачкиот сектор, а со учество на библиотекари од десетина македонски библиотеки.

Во холот на библиотеката е поставена изложба на раритетни книги од 1566 до 1954 година, значајни за науката, културата и уметноста. Збирката содржи старопечатени книги на македонски јазик, старопечатени книги на латиница од 16 до 19 век, старопечатени книги на кирилица и старопечатени книги на арапски и турски јазик. ГБСК издаде и ексклузивен каталог, а изложбата за јавноста ќе биде отворена до 26 ноември.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје јубилејот го одбележува под слоганот „Дом на сите приказни“, а автор на визуленото решение е дизајнерот Лазе Трипков.

Македонски








