Skip to main content

Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид доби милион денари, ќе ги потроши на 17 проекти

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид за оваа 2025 година конкурираше со 25 проекти а ќе добие близу 1 160 000 денари за реализација на 17 проекти во кои Министерството за култура и туризам го препозна националниот интерес.

Во годишната програма за работа на Библиотека и годинава доминираат 15 проекти од библиотечната дејност.

Радува фактот што Комисиите и министерот за култура Зоран Љутков препозна позитивен исчекор но и континуитет во дел од нив, вели в.д директорката на установата Христина Трпеска и додава:

Првиот проект манифестацијата Прличеви беседи веќе успешно го реализиравме. Следуваат: Третата годишна средба на роднокрајните писатели, Читаме гласно и раскажуваме, Книгата најдобриот другар на децата, Книгата поблиску до старите лица кој успешно се реализира во соработка со Црвен крст – Охрид и Натпреварот Млади библиотекари. Ќе има средства и за работата на книговезницата, заштита на движното културно наследство и за обработка и зајмување на библиотечен материјал. Посебна Комисија во библиотеката веќе работи на избор на нови наслови со што ќе се збогати книжниот фонд во детското и одделението за возрасни, годинава ќе бидат издвоени 450 000 денари, за 100 000 денари повеќе од лани. Ќе продолжиме со заштитата на стари и ретки книги по пат на конзервација и реставрација, а ќе има пари и за континуирани обуки на вработените и за набавка на два компјутери и печатач. За прв пат годинава во соработка со Лајонс клубот Деница ќе организираме трибини под наслов: За поубав свет и Хортикултурни библиотеки. Во овој проект планирана е средба и работилница на претставници од библиотеки од регионот, сврзана со 5 јуни Светскиот ден на животната средина, вели в. д директорката Трпеска.

Во издавачко – литературната дејност Министерството за култура на Библиотеката и одобри еден проект. Второто издание на фестивалот на поезијата Слушни го езерото планиран за 21 јуни – Денот на Езерото а во соработка со библиотеките од Струга и Поградец.

Во делот на инвестициите годинава библиотеката доби средства за изработка на основен проект за реконструкција на покривот.

Надвор од годишната програма финансирана од страна на Министерството за култура и туризам од библиотеката најавуваат и низа други настани плод на креативноста на вработените а финансиски делумно покриени од сопствени средства, Општина Охрид и други спонзори и донатори.

Поврзани вести