Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца и млади „Децата нивни по нив“ од францускиот писател Никола Матје. Автор на преводот од француски на македонски јазик е Ацо Перовски. Објавувањето на ова дело е подржано од Министерството за култура и Европската унија, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во програмата „Креативна Европа“ објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.
„Тоа е некоја друга Франција. Заборавена долина на исток, напуштена фабрика, изгаснати високи печки, матно езеро и топло, врело попладне. Август, 1992 година. Антони има четиринаесет години и со својата братучетка, од чиста досада, одлучува да украде кану и да видат што се случува на нудистичката плажа на спротивниот брег. На крајот од тоа кратко патување го чекаат првата љубов и првиот сексуален чин. По тие завеслувања започнува и се обликува драмата на неговиот живот.“
Во романот, за кој во 2018 година му е доделена престижната награда „Гонкур“, авторот Никола Матје, брилијантно го отсликува периодот на адолесценција и суптилно го следи животното и политичкото стасување на генерацијата која се обидува да го пронајде сопствениот пат во светот што го добила во наследство. Според овој роман беше снимен истоимениот филм што ја доживеа својата премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција во 2024 година, а филмот беше награден со наградата Марчело Мастројани.
Децата нивни по нив, од Никола Матје зборува за луѓето фатени во мрежата на глобализација, за семејствата што се заглавени меѓу носталгијата и пропаѓањето, за личностите распнати меѓу пристојноста и гневот, животност и сензуалност. Емпатијата и раскажувачка сила на овој роман ќе ве остават без здив.
Никола Матје е роден 1978 година во Епинал, Франција. Студирал историја и филмска уметност во Париз. По завршувањето на студиите работел како новинар, а подоцна и како сценарист во Париз.
Неговата прва книга „Војна на животните“ (Aux animaux la guerre) ја објавил во 2014 година и по неа е снимена позната француска ТВ серија.
Новелата „Роз Ројал“ ја објави во 2019 година, а неговиот трет роман „Конемара“ е објавен во 2022 година. Неговата најнова книга „Отвореното небо“ (Le ciel ouvert) е објавена во 2024 година.