
Особено сум горд на Мајските оперски вечери, кои добија нов уметнички лик и афирмација, притоа станувајќи симбол на современиот културен идентитет во земјава.
Распродадените претстави и ентузијазмот на публиката се доказ дека сме на вистинскиот пат, дека постои интерес за висока уметност и дека публиката ја препознава нашата искреност и квалитет, вели Оливер Арсовски, директор на МОБ.
На 31 мај со почеток во 20.00 часот, величествената „Аида“ од Џузепе Верди, традиционално ќе го затвори 53.издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Спојот на традицијата со визуелната иновација, преточена преку футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта.

„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди ќе се изведе под диригентската палка на гостинката од Италија, Џана Фрата. Во продукција на театарот Карло Феличе од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.
Во насловната улога (Aида) ќе настапи, Дарија Мазиеро (Италија), во улогата на Радамес ќе настапи, Џејмс Ли (Јужна Кореја), во улогата на Амнерис, Ненси Фабиола Херера (Шпанија), улогата на Рамфис ќе ја толкува Игор Дурловски, Фараон е Владимир Саздовски, Амонасро, Mарјан Јованоски, Главна свештеничка: Александра Лазаревска Василевски, Гласник: Никола Стојчевски, балетски солист: Илијана Данилов, заедно со хорот, оркестарот и машкиот балетски ансамбл на Национална опера и балет.
Поставена во древниот Египет, операта спојува интимна човечка драма со величествени хорови, балетски сцени и моќна оркестрација.