
Александра Јуруковска, книжевна критичарка и новинарка од областа на културата годинава е добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра необјавена поетска книга е збирката песни со наслов „Ткажалки“.
Поетскиот јазик на Јуруковска во триесетината песни на Ткажалки е сплетен претежно од зборови карактеристични за нашата современост, но и со зборови што произлегуваат од нашата јазична традиција, обојувајќи ги стиховите со своевидна патина. На тој начин авторката внесува лична нота во современата македонска поезија. Oд народното говорно јадро извлекува и постари, но и дијалектни зборови умешно вклопувајќи ги во песните, на тој начин оживувајќи ја и збогатувајќи ја лексиката. Ткажалки е книга што нуди катарза, но и потсетување: дека зборот е единствената трага што може да ја победи минливоста. Со овој ракопис, Александра Јуруковска се потврдува како поет со силен израз, јасен став и бескомпромисна искреност. Ткажалки не е само збирка поезија – тоа е поетски споменик на личното и колективното страдање, но и сведоштво за силата на јазикот да ги сочува тагата, љубовта и достоинството, стои во образложението на жири-комисијата за поетска награда „Даница Ручигај“ за 2025 година.
Александра Јуруковска е книжевен кртичар, новинар и промотор на култрата. Автор е на книгите: Ткаење на текстот (новинска критика; Силсонс, 2014), Медиумскиот егзил на книжевноста (интермедијалната студија; Авант прес, 2018) и 2 минути и 40 реда (радио и новинска критика; ПНВ публикации, 2020). Автор е и на бројни есеи и студии и од сферата на книжевната критика, есеистика и теорија. Објавува во најзначајните домашни и регионални списанија за литература, култура и културолошки истражувања, како и на неколку специјализирани портали. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2019 година. Ткажалки е нејзин прв поетски ракопис.
Наградата „Даница Ручигај“ го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, која трагично загина во Скопскиот земјотрес во 1963 година. Наградата беше повод да поразговараме со Јуруковска за творештвото, наградите, жените авторки…
Добитник сте на наградата „Даница Ручигај“ што Друштвото на писатели ја доделува за најдобра необјавена поетска книга. Како гледате на наградата?
Искрено ѝ се радувам на наградата и тоа поради повеќе причини: ова е мое прво поетско дело и бидува наградено! Наградата го носи името и го слави споментот на една од најважните македонски поетеси – Даница Ручигај, чие творештво и влог во современата македонска литература не смеат да бидат заборавени; наградена сум на десетгодишнината од востановување на наградата од страна на Друштвото на писателите на Македонија, а жири-комисијата што одлучуваше за пристигнатите ракописи беше составена од тројца поети, чија поезија исклучително ја ценам. Човек не може да не биде благодарен на ваквите консталации!

Станува збор за збирката песни со наслов „Ткажалки“.Јавноста Ве знае како долгогодишен новинар, литературен критичар, но овој пат Ве запознава и како поет. Од кога пишувате поезија?
Веројатно, како и секој што професионално се занимава со пишување, поезија пишувам од многу одамна, но ретко што од тоа сум сметала дека е вредно за објавување. Јас сум прилично самокритичен човек, па и последниве неколку години, кога малку посериозно се посветив на пишувањето стихови, ми беше потребно доста време да се охрабрам да составам збирка или нешто да објавам. И морам да признам дека пишувањето и објавувањето поезија го доживувам малку поразлично отколку пишувањето критика и есеистика или новинарски текст. Како да има некоја поголема доза разголување, изложување и некоја чудна ранливост во предавањето низ стихови. Ми помогнаа критиката и куражот од неколу драги пријатели, одлични творци и луѓе со кредибилитет, кои беа првите читатели на песните што треба да бидат бјавени во „Ткажалки“.
Последниве денови сме сведоци на големи успеси на жени уметници. Тамара Котевска, Теона Митевска, тука ве надоврзувам и Вас во низата…Сметате ли дека македонската култура ја носат жени-уметници?
Благодарам што ме вбројувате во вакво прекрасно друштво, иако сметам дека сум далеку зад нив. Сепак и Митевска и Котевска се авторки со силен авторски печат и верувам дека историјата на македонскиот филм веќе отвора поглавја пред и по нивното појавување. Тие имаат силен влог и на светската уметничка сцена, па и како наши амбасадори секаде каде што ќе се појават. Да, сметам дека последниве петнаесетина и повеќе години имаме прекрасни жени – творци во сите области, тие имаат своја специфична сила, енергија, визија, па дури и вродена борбеност. Силно верувам во женската интуиција и пожртвуваност и среќна сум што и во професионалната сфера и во приватниот живот, секојдневието го делам со многу мудри и вредни жени.

Ја водите кампањата „Читаме современи македонски автори“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Интересни разговори се водат таму, со многу автори, но она што е најважно и делата и авторите се во Библиотеката-онаму каде им е местото. Се вратија ли читателите?
Кампањата е еден од најголемите, најдрагите и најблагородните проекти на кои сум работела. Изминатите три години/сезони не беа лесни, напротив, беа борба со предрасуди – да се убедат сите, не само читателите, дека имаме одлични македонски автори. Оваа кампања ја доживувам не само како поддршка на моите колеги (писатели и издавачи), туку и на македонскиот јазик. Во време на празни флоскули за негова заштита, праксата вели дека имаме многу ниска свест дека секој од нас има обврска и одговорност во неговото чување и негување, од институции и вработени во нив, до обичниот читател. Најголемиот дел од македонските автори и дела, најчесто никогаш нема да бидат преведени на друг јазик, ниту прочитани од други читатели, без разлика на тоа колку се квалитетни или колку предничат пред извиканите светски бестселери. Едноставно, не создадовме стратегија за тоа. Оттука се поставува прашањето – ако македонските читатели не ги читаат македонските автори – кој ќе го прави тоа?! Тука, улогата на бибиотеката е клучна! За среќа нештата полека се менуваат, сите наши разговори со авторите се супер посетени, успеавме да направиме 24 средби со исто толку писатели и да ѕирнеме зад процесот на создавање на нивните дела. Публиката, па и библиотекарите, за прв пат и се сретнаа со дел од тие автори, па интересот за нивните книги го пробудивме и на поинаков начин. Во тек е четвртата сезона што ја работиме со исто толку ќејф и посветеност како и претходните. Во неколку наврати имавме листа на чекање за книга од македонски автор, што не се случило многу одамна, така што има уште доста простор за работа. Препознавам слични иницијативи и во другите библиотеки, се зголеми и понудата за домашна книжевност во книжарниците, имаме постојана поддршка од медиумите, а Македонската асоцијација на издавачи во 2024 година ја прогласи кампањата „Читаме современи македонски автори“ за Промотор на читачката култура. Би било одлично кога во догледно време, повеќе релевантни институции, би го спровеле сето ова на ниво на национална стратегија.
Разговараше : Невена Поповскa
фото: приватна архива