
Царински службеници на влез во државата на граничен премин Блаце запленија 504 кутии со 126 килограми тутун за наргиле во вкупна вредност од 971.772 денари. Тутунот за наргиле е откриен при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички. Патникот кој инсистирал побрзо да помине поради сомнително однесување е селектиран за детална контрола при што се пронајдени 504 кутии од 250 грама тутун за наргиле со вкупна тежина од 126 килограми. Со ова е спречен обид за пуштање во промет на акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки во висина од 661.812 денари. Случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги за понатамошна постапка, при што против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело избегнување на плаќање акциза, казниво по Кривичниот законик.

Ловечка муниција со вкупно 160 парчиња е откриена од страна на мобилен царински тим и службата за мобилен скенер на влез во државата на граничен преми Табановце. Патникот кој патувал со автомобил на прашање на инспекторите дали има нешто да пријави првично изјавил дека нема ништо за пријавување, но по отпочнување на контролата истиот рекол дека има само еден пар чизми. Инспекторите при вршење на контролата во куферот во багажниот простор освен чизмите, пронајдоа непријавени 160 парчиња ловечка муниција. Против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.

Мобилни царински тимови во соработка со МВР запленија два автомобили со бугарски регистарски таблички, откако истите го надминале законски дозволениот временски рок во кој возило со странски регистарски ознаки може да се задржи на територијата на државата.
Мобилен тим на граничен премин Деве Баир при контрола на автобус заплени 133 шишенца со раствор за инјекции Gadovist 1.0 mmol/ml од 15 ml, со вкупна вредност од 529.872 денари, за кои е потребна дозвола за увоз издадена од Бирото за лекови. Непријавените лекови кои се користат за дијагностика на бенигни и малигни заболувања при магнетна резонанца се пронајдени во кеса сместена на патничко седиште и истите биле сопственост на косовски државјанин кој патувал со автобусот. Од Секторот за контрола и истраги е поднесена кривична пријава против сторителот за сторено кривично дело криумчарење, казниво по член 278 од Кривичниот законик.

94 пакувања лекови и препарати за животни (течности за инекции penstrep, maxtil, limoxin, penbex и combikel, спрејови super spray, таблети exiptol и гелови aloegel), за кои е потребно одобрение за увоз издадена од Агенцијата за храна и ветеринарство, пронајдени позади седиштето на автомобил со албански регистарски таблички со кој албански државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блато.
Поголема количина лекови за животни е запленета и на граничен премин Богородица, откако истата е откриена во контрола на автомобил со бугарски регистарски таблички. Патниците кои се враќале од Солун биле прашани дали имаат нешто да пријават, но истите не пријавиле ништо по што поради сомневање е извршена контрола. При контролата на автомобилот пред совозачкото седиште во црна кеса и на задните седишта во стиропорна кутија покриено со јакна се пронајдени 23 парчиња Intergonan 5000 IU, 12 ќеси од по 20 парчиња Cidr ovis, 150 апчиња Ibendazile provet 600. Непријавената стока подлежи на мерки на трговска политика и за истите е потребна дозвола од Агенција за храна и ветеринарство.
Вкупно 91 штеки цигари се запленети во пет случаи откриени од страна на царински службеници на граничен премин Богородица и Меџитлија. Царинските службеници на Богородица на влез во државата при контроли на товарни моторни возила и автомобил, управувани од македонски државјани, во фабричките празнини и под патосниците открија 86 штеки цигари кои не биле пријавени. Дополнително на граничен премин Меџитлија при контрола на автомобил управуван од грчки државјанин се запленети 5 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење без акцизни маркички.
Мобилен тим и служба за мобилен скенер на влез во државата на граничен премин Табановце при детална контрола на патничко комбе открија 23 котури со вкупно 2.300 метри електричен кабел, како и седум парчиња електро мотори. Против сторителот ќе биде поднесена прекршочна постапка.

Во друг случај мобилниот тим и службата за мобилен скенер при контрола на автомобил открија и 104 непријавени парчиња облека.
На граничен премин Богородица се запленети 3.600 пара женски обувки со ознаки за познати трговски марки., поради сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот е откриен од мобилен царински тим кој изврши контрола на стока со потекло од Кина.