
Судскиот Совет го објави наодот на работната група во врска со предметот против Менсур Пајазити, кој беше осуден на две години затвор за прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска. Работната група потврди дека судијата Ељведин Ферати не можел да досуди повисока казна поради членот 428 од Законот за кривична постапка, кој забранува менување на пресудата на полошо ако жалбата е изјавена само во корист на обвинетиот.
-Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција, стои во соопштението од Судски Совет.
Како поткрепа на заклучокот од увидот во предметот, Советот наведува хронолошки преглед на постапувањето на судовите според кој, најпрво Основното Јавно обвинителство Тетово поднесе обвинителен предлог за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, за кое е предвидена казна затвор од една до пет години. Основниот суд Тетово донесе пресуда со казна затвор од три години и шест месеци. Обвинетиот поднесе жалба, а Апелациониот суд Гостивар ја уважи делумно, намалувајќи ја казната на две години. Врховниот суд ја укина пресудата и предметот се врати на повторно судење. По признавање на вина, Основниот суд Тетово повторно го осуди обвинетиот на две години затвор.
Подружницата на Здружение на судии на РСМ при Основен суд Тетово денеска, исто така, излезе со соопштение во кое детално ја објаснува досегашната судска постапка поврзана со загинувањето на младата Теодора Ристовска, почнувајќи од првото судење, одлуката на Апелација и Врховниот суд па сè до последното судење во кое е изречена казна затвор во траење од две години за обвинетиот Енвер Пајазити. Според нив, судија Ељведин Ферати, кој ја донесе пресудата во повтореното судење, а и судијката Верка Костовска која го судеше првото судење, а која во меѓувреме замина во пензија, постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми.