
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против началникот на Секторот за урбанизам на Општина Маврово-Ростуше, Седредин Елезовски, кој е осомничен дека во повеќе наврати барал и примал поткуп за завршување на административни постапки, известуваат од ОЈО ГОКК.
Лицето како раководно службено лице од почетокот на годинава во повеќе наврати директно побарал и примил поголема имотна корист за себе и за трети лица за да извршат службено дејствие што морале да го извршат. Осомничениот во два наврати директно побарал од подносителот на барањето паричен износ од 16.000 евра, а потоа износот во понатамошните средби со оштетениот го намалил на 13.000 евра, за да тој и комисијата што одлучувала во управна постапка по барањето за издавање на урбанистички проект постапат по барањето на оштетениот. Дел од парите наводно биле за другите службеници вклучени во управната постапка за да одлучат во побрз рок. Со оглед дека било договорено парите етапно да бидат исплаќани како што ќе се одвива управната постапка, осомничениот за првото дејствие побарал износ од 4.400 евра, стои во соопштението.
Во контекст на оваа истрага, се појавија информации дека во последните пет месеци градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски, потпишал триесетина одобренија за градби вон урбанистички планови, меѓу кои објекти, хостели и апартмани околу Мавровското Езеро. Сите овие предмети претходно поминале низ Комисијата за урбанизам, каде што членувал и осомничениот Елезовски.