
Атина е високоинтелигентна, со силен инстинкт, супер концентрација и физичка издржливост, се грижи за безбедноста. Нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи. Гордо го носи елечето на кое е испишано, „полиција“. Атина е прекрасна, мила, насмеана, позитивна. Нејзината кроткост ги освојува симпатиите на сите што ќе ја запознаат. МИА ја фотографира на крајот од јуни, ни го привлече вниманието на пуштањето во употреба на делницата од патот Градско – Прилеп. Остави силен впечаток кај нас, па за новогодишните празници решивме да побараме некоја информација повеќе за неа и да ја претставиме пред јавноста оваа посебна ненаметлива душа.

– Службената кучка Атина е од расата белгиски овчар (малиноа), која е меѓу најчесто користените раси за службени цели во безбедносните структури во светот. Белгискиот овчар се одликува со високо ниво на интелигенција, изразен работен инстинкт, одлична концентрација и физичка издржливост. Иако расата има вродени предиспозиции, успешната индикација на експлозиви е резултат на систематска, долготрајна и стручна обука. Службената кучка Атина е дел од Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи и е наменето за пронаоѓање и индикација на експлозивни средства и направи – се вели во писмениот одговор од МВР на нашите прашања.
Таа е веќе две и пол години со припадниците на Единицата.

– Обуката почна со рана социјализација по што следуваше основна и специјализирана обука за индикација на експлозиви. По успешното завршување на обуката, извршено е тестирање и Атина е официјално ангажирана како службено куче со дополнителен период на адаптација со водичот – појаснуваат од Министерството за внатрешни работи.
Се интересиравме колку е ризична нејзината работа, како таа самата се штити и како е заштитена од опасности.
– Работата на службените кучиња за индикација на експлозиви носи одредени ризици. Обуката е насочена кон индикација без директен контакт со експлозивните средства. Кучето го сигнализира местото на индикација по што понатамошните активности ги преземаат специјализирани служби – кажуваат од МВР.

Одговарајќи на поставените прашања, од Министерството споделуваат дека Атина се храни со сертифицирана сува храна што ги содржи сите потребни нутритивни вредности. За нејзината здравствена состојба се грижи ветеринарен доктор во рамките на Единицата за службени кучиња, кој спроведува редовни прегледи и вакцинација.
– Во периодите кога не е работно ангажирана, водичот спроведува активности за одржување на нејзината физичка кондиција, како и на психичката стабилност, преку игра, вежби и континуирана обука со цел одржување на високото ниво на подготвеност – велат од МВР.
Преку овие фотографии МИА го овековечи другарството помеѓу човекот и кучето. Меѓусебното разбирање со поглед, дури и со најмало движење. Гледајќи во нас со очи што се смеат, Атина ни покажа колку е отворена за нови пријателства. Едноставно, како да позира пред нашата камера.

На крајот од јуни, на топлиот асфалт, Атина беше вистинско освежување на почетокот од летото. Сеќавајќи се на нејзиниот срдечен поглед, сега, во зима, душата ни ја милува некоја магична топлина. Ѝ посакуваме долг и среќен живот на Атина, многу успех во нејзината работа и уште многу заеднички средби, па макар биле и случајни како првата.
Фото: МИА

Македонски




