
Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници, 4 началници и 3 службеници.
Според дејствијата опишани во наредбата постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност.
Kако службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди.
Ценејќи дека се исполнети условите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица.