
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место во куќа во центарот на Прилеп каде биле пронајдени безживотните тела на 11-годишно дете и двајца мажи на возраст од 43 и 63 години.
Според првичните сознанија, 63-годишникот најпрво го лишил од живот својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.
Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата „Стеван Апостолоски“ околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 11-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски.
Сопругата на убиениот викнала полиција откако се загрижила што со часови ги немало нејзиниот сопруг и син. Полицијата пристигнала пред куќата околу 22 часот и кога се обидела да влезе, убиецот им фрлил бомба која полуексплодирала, но, не предизвикала никакви повреди.
Полицијата ја ангажираше единицата тигри која потоа околу еден часот по полноќ влезе во куќата и ги најде трите мртви тела, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски кој направи увид на местото на трагедијата која ги шокираше прилепчани.
Наредена е обдукција на трите тела.