
Опозиција која е безидејна, на која ѝ недостига сериозна конструктивност за да биде коректор на власта и која се соочува со внатрешни проблеми, сметам дека оваа интерпелација е неиздржана“, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поднесената интерпелација.
Тој за време на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, која продолжи во општина Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поднесената интерпелација рече дека некој се обидува преку нарушување на угледот на министерот за земјоделство да гради личен рејтинг и да создаде привид на активност.
Имаме доволно аргументи со кои ќе се соочиме и ќе покажеме што е сработено во изминатите две години, за разлика од нивните седум години“, додаде тој.
Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ денеска на прес-конференција изјави дека пратеничката група на СДСМ, сите пратеници и коалицијата се потпишале на интерпелација за работата на министерот Трипуновски.
Покрај барањата на синдикатите, здруженијата и економско-социјалните партнери, кои јасно и гласно бараат оставка, денеска ова е и наша граѓанска обврска и должност како пратеници да иницираме постапка за интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине. Ова е интерпелација поднесена од нашата пратеничка група и тоа за еден од најнеспособните министри – човек кој наместо да ги штити земјоделците, ги понижува, ги осиромашува и им се заканува. Сите тоа јавно и јасно го зборуваат. Интерпелацијата ја поднесуваме поради сериозни, континуирани и веќе процесуирани случаи на системска корупција невидена досега, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот дефинирани во законите, како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството и институциите во ресорот што го води“, истакна Николовски.

Македонски


