
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на јавна расправа која се одржа во Собранието го образложи Законот за работно ангажирање на лица.
Дурмиши истакна дека Министерството активно работи на мерки за намалување на сивата економија и обезбедување на социјална заштита за работниците, а една од целите на законот е да се спречи иселувањето на младите како и да им се даде на македонските компании легален однос да ангажираат работници да дојдат до што е можно поголем број на работници.
Министерот смета дека на тој начин компанијата можат да ги прошируваат своите економски дејности.
Исто така преку овој закон целиме да ја зајакнеме економијата бидејќи кога ќе биде направена легална рамка и на работниците ќе се даде можност легално да заработуваат тогаш истите тие работници по основ на примена плата, ќе исплатат даноци спрема државата, но и преку индиректините контрибутори во економијата ќе најдат начин да ја засилат личната потрошувачка, да наплати државата даноци итн. Со овој закон се овозможува поедноставена постапка за работно ангажирање на лица за повремени и сезонски работи во одредени дејности, добиваме поголем број на придобивки во повеќе различни области. Овој закон е во насока за задоволување на потребите од работна сила кај работодавачите, каде се дозволува да се ангажираат лица со старосна пензија, како и редовни студенти, без притоа тие да ги изгубат другите бенефиции, како што се корисниците на социјалната и детската заштита, евидентирани невработени лица (право на паричен надомест и не се бришат од евиденција на невработени), корисник на старосна и семејна пензија, корисник на право на социјална сигурност, статусот на редовен студент…, објасни министерот пред пратениците.
Овој закон, рече тој, помага во борбата против неформалната „сива“ економија, преку формализирање на непријавената работа и е дел од стратешките определби на државата за стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности преку воспоставување систем на превентивни и стимулативни мерки за поддршка.
Дурмиши појасни дека со ова решение со донаторска поддршка ќе се воспостави регистар за евиденција на работно ангажирање, поточно ќе се воведе институционален механизам за работно ангажирање на лица за вршење работи од повремена и сезонска природа во одредени дејности во поедноставена постапка.
Со законот опфатени се три области: земјоделство, шумарство и рибарство, објекти за сместување и сервисни дејности за храна како и дејности на домаќинство како работодавач.
Работното ангажирање во поедноставена постапка ќе се врши со пријава на лицето преку регистарот за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување на Република Македонија, додека наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на Управата за јавни приходи.