
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Париз ги започна официјалните средби со претставници на Владата на Француската Република, со цел унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји.
Интензивна агенда во Париз Градиме пријателства, работиме на нови можности за Македонија, објави Николоски на социјалните мрежи.
Николоски најави дека ќе имаат средба со 11-те најголеми француски компании кои што ќе ги поканат да инвестираат во Македонија, со цел да се отвораат нови и добро платени работни места.
Сметаме дека Македонија може да биде атрактивна дестинација за француските инвеститори, нагласил Николоски.
Тој најавил и разговори за развој на инфраструктурата, вклучително и автопатите, железницата и аеродромите, при што потсети дека двата македонски аеродроми се оперирани од француска компанија, со која, како што посочил, соработката е одлична.
Николоски утре ќе се сретне со францускиот министер за транспорт Филип Табаро, како и со претставници на УНЕСКО и пратеници во Француското национално собрание.