Пуштање во употреба на првите 40 -тина километри од автопатот Кичево Охрид, изградба на мост на реката Вардар кај Велес, реконструкции на седум мостови по должина на коридорот 10 на железницата, реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром се дел од приоритетните проекти на кои ќе работиме оваа година, истакна вицепремиерот Николоски.
За мене најубавиот проект се новите авио линии, каде за брзо ќе излеземе и со нови информации. Тука е секако и привршувањето на реализацијата на првото рекреативно вештачко езеро во Источниот дел на нашата држава – езерото Отиња над Штип. Таму рокот на реализација е крајот на 2026 година, планирано е да почне да се полни во 2027 година и до летото 2027 година да почне да се користи за туристички цели. И секако тука се проектите со општините, каде вкупно имаме некаде околу 350 милиони евра, кои како дотации преку Министерството ќе бидат дадени на општините за да ги решат најголемите инфраструктурни проблеми на граѓаните – истакна вицепремиерот Николоски.
Николоски исто така потенцираше и за бројните проблеми кои како министер ги наследи во реализацијата на овие два капитални проекти.
Во рок од десет дена пуштивме 42 километри експресни патишта, нешто што досега не е видено во Македонија. На делницата Куманово-Страцин-Крива Паланка, од вкупно 25 км на 16,5 км немаше воопшто асфалт, проектот беше во фаза на замрзнување, еден од изведувачите беше заминат од државата, воопшто немаше работници на терен, а повлечен беше и надзорот на проектот. Успеавме да ги вратиме изведувачот и надзорот и прв пат во Македонија видовме работа во зимски услови или работа на ниски температури и работа на дожд. Практично работевме речиси 24 часа и на тој начин успеавме да го завршиме патот и мислам дека ова е прв проект во Македонија што е завршен во предвидениот рок. Во однос на Градско -Дреново, ситуацијата беше уште полоша. Јас на отворањето покажав еден документ, тоа беше еден документ кој прв го добив кога станав министер. Таму ситуацијата беше очајна, недостасуваа 13 милиони евра за да се доврши проектот. Косините воопшто не беа решени, имаше опасност да се спуштат две планини на трасата и изведувачот се спремаше за арбитража. Веќе имаше постапка со цел Македонија да оди на арбитража, значи ем да изгубиме арбитража ем да немаме пат затоа што година и половина претходната Влада не сакала да потпише два адендуми со ЕУ, Адендум 3 и 4 би ги решиле овие прашања, не ја формирале потребната Комисија. Ние ја формиравме Комисијата, за дваесетина дена тие почнаа да работат во месец август и веќе на 12 септември имавме потпишано се и ги обезбедивме овие средства. Затоа и амбасадорот кажа дека има национално кофинанисрање тие се тие средства. Таму рокот беше 31 јануари што значи дка завршивме некои петнаесетина дена порано, така што тоа беа проблемите. Јас сум тука да ги решавам проблемите, а не да се правдам или ако се правдам ќе бидам како сите претходни. Македонија со години, со децении нема завршено еден голем проекти и нема видено завршување на голем проект. Најлесно е да ги обвинувате претходнииците, најлесно е да ги раскинувате договорите и да одите по арбитражи, тешко е да се работи. Ние работиме и еве резултатите доаѓаат – истакна вицепремиерот Николоски.