Skip to main content

Николоски: Бележиме раст од 6,1 процент во транспортниот сектор

Министерство за транспорт

Бележиме раст од 6,1 % во секторот транспорт, што говори дека оваа индустрија се развива, но исто така говори дека се уште има простор за раст и развој. Преземаме краткорочни и долгорочни мерки што ја олеснуваат вашата работа, но реализираме и големи крупни капитални проекти кои директно влијаат врз развој на транспортниот сектор, рече во своето обраќање министерот за транспорт Александар Николоски, на денешниот состанок со транспортерите.

Планот на Владата, како што потенцираше Николоски е да се искористи позицијата на Македонија како стратешка крстосница во регионот.

Идејата е да Македонија да го искористи потенцијалот кој што го има како природна раскрсница на два Пан-Европски коридори, Коридорот 10 север-југ и Коридорот 8 исток-запад. Во таа насока развиеме силна патна и железничка мрежа кои што ќе ги опслужува овие два Коридори. Во делот на патната мрежа, на Коридорот 10 за следната година планираме реконструкција на целиот дел од автопатот кој што не е во состојба во каква што јас би сакал да биде, така што поголем дел од автопатот ќе подлежи на реконструкција со цел да биде во одлична состојба. Исто така следната година ќе одиме со реконструкција на обиколницата на Скопје како природна врска на Коридорот 10 и 8, а продолжуваме и со изведба на Коридорот 10-д кој што оди од Градско преку Дреново-Фариш-Прилеп до Битола и вториот граничен премин со Грција до Меџитлија – рече Николоски.

Во моментот активно се гради автопатот од Прилеп до Битола, веќе е пуштен во фунција експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, а многу скоро ќе се донесе одлука и за изградба на потегот од Фариш до Прилеп.

Според Николоски целта е да имаме целосно или автопатско решенеи или експресен пат кој што ќе оди и ка Коридорот 10-д, односно исклучувањето кај Градско до границата со Грција да е покриено со автопат или експресен пат.

Во однос на Коридорот 8, го пуштивме во функција потекот од Страцин до Крива Паланка, во моментот работиме обиколница на Крива Паланка, исто така работиме на проширување на граничниот премин Деве Баир, на западната страна работиме на автопат Тетово-Гостивар, понатаму на автопат Гостивар-Букојчани или популарната Стража. За потегот од Букојчани-Кичево завршува повикот за доставување на понуди на 30 септември, значи за неколку дена, а Кичево-Охрид веќе пополека се става во функција после 11 години одлагање. Првите 34 км се ставени во функција, до крајот на следната година целосно ќе го завршиме и паралелно на тоа работиме на проширување и модернизација на граничниот премин Ќафасан – потенцираше Николоски.

Тој најави дека Министерството активно работи на проектот за изградба на мултимодалниот јазол во Трубарево.

Работиме на еден голем проект за мултимодуларен јазол кој што треба да се наоѓа во постојниот јазол кај Трубарево и во продолжение до пресекот на двата Коридори, кои што мислам дека за сите компани кои што се занимаваат со логистика е голема шанса за развој на бизнисот. Очекувам првата фаза да ја започнеме следната година, тоа е изведба на инфраструктура од страна на државата, а втората фаза година дена после тоа што ќе значи целосна реализација на проектот и проширување со цел практично да стане пристаниште на суво, односно целата роба што доаѓа од Атина, Солун кога ќе се реализира Коридорот 8-железнички и од таму, да се претоварат и да го земаме приматот кој што сега го имаат некои соседни држави и тука да биде сувото пристаниште за овој дел на Европа – рече Николоски.

Средбата со транспортерите е во организација на МАКАМ ТРАНС на која се презентираа условите и критериумите за распределба на транаспортните дозволи.

Поврзани вести