
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, присуствуваше на свеченото отворање на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025, кој оваа година се одржува во Скопје во Музејот на современа уметност во организација на Министерството за дигитална трансформација.
Министерството за јавна администрација активно придонесува во процесот на дигитална трансформација на јавниот сектор, преку воведување и унапредување на системски решенија кои имаат за цел да ја направат администрацијата поефикасна, попродуктивна и поуслужна кон граѓаните и бизнисите.
Еден од клучните проекти на Министерството е модернизација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), кој овозможува централизирано и транспарентно управување со кадарот во јавниот сектор.
Покрај тоа, во тек е и надградбата на ЛМС платформата за е-учење, со што се создаваат услови за систематски и континуиран професионален развој на административните службеници.
Во фокусот на Министерството е и интероперабилноста, односно автоматизирана и безбедна размена на податоци меѓу институциите, која е истакната во двете платформи и претставува основа за модерна, дигитализирана и координирана јавна администрација. Ова значително ќе го подобри квалитетот на јавните услуги и ќе го олесни пристапот на граѓаните до тие услуги, без непотребни административни процедури.
Министерството за јавна администрација останува посветено на процесот на дигитална трансформација, со цел создавање на транспарентен, ефикасен и граѓански ориентиран јавен сектор.