
Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје денеска официјално ги издаде првите Гаранции за потекло на електрична енергија на АД ЕСМ, соопштија од Националниот оператор и нагласија дека со овој документ се потврдува дека електричната енергија за која се издадени гаранциите на потекло потекнува од обновлив извор на енергија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ги доделила сертификатите за Гаранции за потекло на генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев. Станува збор за гаранции за електрична енергија произведена во хидроелектраните на ЕСМ, со што се потврдува дека енергијата има чисто, обновливо и еколошки одржливо потекло.
На состанокот во МЕМО, на кој присуствувал управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, претставници од раководството на ЕСМ и МЕМО, било нагласено дека ова претставува значаен чекор и потврда за посветеноста на АД ЕСМ кон одржливо производство и транспарентност во снабдувањето со електрична енергија.

Министерката Божиновска подвлекла дека гаранциите ќе овозможат транспарентен и одржлив енергетски пазар и се доказ за потрошувачите дека користат енергија од обновливи извори.
Ова е значајна реформа и упатувам честитки за ЕСМ, бидејќи првите издадени Гаранции се однесуваат на електрична енергија произведена од хидроенергетските капацитети на АД ЕСМ кои користат чиста и обновлива енергија од вода, изјавила Божиновска и нагласила дека овој чекор претставува напредок во реализацијата на зелената транзиција во Македонија, која е во согласност со европските стандарди и цели за одржлив енергетски развој.
Узунчев изразил задоволство и истакнал дека добивањето на првите Гаранции за потекло се значаен момент за компанијата и енергетскиот сектор во земјата.

Ова е доказ за нашите континуирани напори за производство на електрична енергија на еколошки начин и нашата посветеност кон зелената транзиција. Гаранциите ќе им овозможи на нашите клиенти сигурност во потеклото на енергијата што ја купуваат и ќе придонесе кон зголемување на свеста за важноста на обновливите извори, нагласи Узунчев.
Како што соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на настанот, на министерката Божиновска и била врачена благодарница, како признание за личниот ангажман и институционалната посветеност во деблокирањето и финализацијата на сложениот процес за воспоставување на системот за Гаранции за потекло – процес кој речиси две години тапкал во место, оптоварен со технички, регулаторни и координациски предизвици.
Преку јасна институционална поддршка, интерресорска координација и директно вклучување во решавање на клучни препреки, министерката Божиновска одигра клучна улога за нејзиното конечно активирање, изјавил управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, при врачувањето на признанието.

Ѓорѓиевски ја истакнал важноста од симболиката што првите гаранции за потекло се издадени на АД ЕСМ, што, нагласил посочува на исклучителна посветеност на државата кон независна, стабилна и енергетска одржлива иднина.
МЕМО согласно планот, го имплементира системот за Гаранции за потекло во соработка со Grexel – водечка европска компанија во оваа област. Гаранцијата за потекло е електронски документ кој им овозможува на потрошувачите јасен доказ дека одреден дел од електричната енергија што ја користат е произведена од обновливи извори. Голем број компании веќе се во процедура за приклучување кон Регистарот на Гаранции за потекло, а ние како одговорен оператор активно работиме на нивно издавање, евидентирање и признавање. Ова е значаен чекор кон поголема транспарентност и доверба во потеклото на електричната енергија, истакнал Ѓорѓиевски.
Правилата за администрирање на Гаранциите за потекло, донесени од МЕМО, се усогласени со Законот за енергетика, Уредбата за Гаранции за потекло и стандардите на Асоцијацијата на издавачи на Гаранции за потекло (AIB). Овие правила се усогласени и со принципите на Европскиот систем за енергетски сертификати (EECS) и заедно со напорите на МЕМО кон целосно членство во AIB ќе осигура целосна прифатливост на европскиот пазар.

На состанокот, раководството на АД ЕСМ подвлекло дека продолжува со интензивни напори за зголемување на производството на енергија од обновливи извори, вклучувајќи изградба на нови ветерници и фотонапонски електрани. Компанијата ќе продолжи да работи на добивање Гаранции за потекло и за овие извори, со што придонесува кон позелена и поодржлива енергетска иднина.
Со воспоставувањето на системот за Гаранции за потекло, Македонија прави значаен чекор напред кон поголема одржливост, конкурентност и доверба во енергетскиот сектор, овозможувајќи дополнителна вредност за производителите и потрошувачите на електрична енергија, се додава во соопштението на МЕМО.