
Енергетската транзиција не е веќе техничко прашање, туку генерациски предизвик, порачаа говорниците на отворањето на Македонскиот енергетски форум – MEF25. Од Скопје денеска беше испратена јасна порака дека Западен Балкан има капацитет да биде предводник, а не следбеник во глобалната енергетска трансформација, но тоа бара политичка волја, регионална соработка и вклучување на граѓаните.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на отворањето на MEF25 ја истакна стратешката важност на новиот Закон за енергетика и амбициозната инвестициска агенда на Владата, како клучни алатки за забрзување на енергетската транзиција во Македонија.
Новиот закон за енергетика овозможува целосна либерализација на пазарот на електрична енергија со што ќе се стимулира фер конкуренција и ќе се отвори простор за нови приватни инвестици, рече таа.
Министерката нагласи дека со законот се поставуваат јасни правила за производство и интеграција на обновливите извори, што значи полесна постапка за добивање на лиценци и поголема предвиливост за инвеститорите, воведување на енергетски заедници каде што граѓаните и општините ќе можат заеднички да инвестираат и да произведуваат зелена енергија, посилни механизми за заштита на потрошувачите преку социјални тарифи и транспарентност на цените.
Божиновска ја претстави и, како што рече, „најамбициозната инвестициска агенда“ досега која вклучува изградба на нови објекти од 1,6 гигавати до 2030 година, модернизација и проширување на преносната мрежа за подобра интеграција на зелени извори и зајакнување на регионалната поврзаност.
Во рамки на транзицискиот период кон чиста енергија, дополни дека се планираат и нови интерконектори за природен гас со Грција, Србија и Косово, проекти за складирање на енергија, развој на зелени хидрогенски капацитети.
Министерката подвлече дека ниту една земја од регионот не може самостојно да ја изгради енергетската иднина:
-Енергетската транзиција бара енергетска поддршка. Ниту една земја од Западен Балкан не може сама да ја изгради енергетската иднина која ќе биде сигурна, чиста и достапна, подвлече таа.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, ја поздрави одлучноста на земјава за напредок.
Во Македонија гледаме одлучност за движење напред. Во изминатата година видов доста охрабрувачки напредок, имаме ново министерство, нов закон, се ревидираше националниот план за енергетика и клима, исто така, има структура за одржливост и инвестиции усогласени со националниот акциски план, рече Рокас.
Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, ја нагласи социјалната и еколошката димензија на транзицијата.
Енергетската транзиција треба да е еколошка, социјална по природа и праведна во нејзината имплементација. Мора да најдеме стратегија како ќе ја намалиме зависноста од јаглен и како да го реализираме целите од Парискиот договор. Денеска Западниот Балкан има капацитет да биде не следбеник, туку предводник во енергетската транзиција, нагласи тој.
Миодраг Милошевиќ од OSF Western Balkans потенцираше дека транзицијата мора да биде праведна.
Транзицијата не е опција – таа се случува. Но, прашањето е дали ќе биде праведна, демократска и развојна. Декарбонизацијата на електричниот сектор е императив, особено за економиите зависни од јаглен. Само преку регионална соработка може да постигнеме ефикасност, нагласи тој.
Франческо Ла Камера, директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија, ја истакна потребата од глобална мобилизација.
Повеќе од 190 земји, вклучително и Македонија, се посветија на енергетска ефикасност до 2030. За да ги исполниме целите, ќе бидат потребни 1,3 трилиони долари годишно. Финансирањето и меѓународната соработка се клучни, нагласи тој.
Форумот го отвори Агим Селами, извршен директор на МЕФ, кој посочи дека енергетската транзиција не е веќе техничко прашање, туку политички, економски и генерациски предизвик.
Македонскиот енергетски форум – MEF25 се одржува во хотел „Хилтон“ во Скопје и ќе трае два дена. Настанот ги обединува водечките имиња од политиката, индустријата, науката и граѓанскиот сектор, со цел да се поттикне дијалог и соработка за забрзување на енергетската трансформација.
На вториот ден е најавено и учество на премиерот Христијан Мицкоски на панелот „Енергетската безбедност и транзицијата на Македонија кон обновливи извори“.