Skip to main content

Ќе се воведуваат построги стандарди за заштита и безбедност за фирмите со угостителска дејност

Во моментов Министерството за економија и труд и сите останати министерства и државни институции работат на промена на постојните нормативи во вид на закони и правилници за работа со кои ќе се воведат построги и повисоки стандарди за заштита и безбедност за сите физички и правни субјекти кои сакаат да работат со угостителска дејност. Ќе се зголеми координацијата меѓу институциите и ќе се зајакнат контролите и механизмите на државата, истакна денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на конференцијата на тема „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“, што се одржува во Стопанската комора.

Целта на овој настан, како што рече, покрај запознавање со активностите и работата на техничкиот комитет при Институтот за стандардизација на Македонија е зголемување на свеста кај стручната и поширката јавност за значењето на примената на стандардите и нивната улога во законските и потзаконските акти поврзани со заштита од пожар, како суштински сегмент во процес на проектирање и градење.

Според него, оваа тема е од исклучителна важност и за жал е болна и актуелна тема во Македонија.

Изминативе неколку години сме сведоци на големи трагедии кои се предизвикани токму од недостиг на спроведување стандарди за безбедност и заштита од пожари. Овие трагедии беа резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг на контролни механизми за спроведување на постојните пропишани регулативи и стандарди за безбедност, лошата координираност на институциите, но и нискиот праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти, рече Ристески.

Конференцијата е организирана од Институтот за стандардизација и Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46, во коорганизација со Комората на овластени архитекти и инженери, Стопанска комора на Македонија, Техноинспект, Кнауф, Адинг и други партнери.

Конференцијата почна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.

Поврзани вести