Skip to main content

Крај на евтините нарачки: Собранието даде „пас“ за укинување на ослободувањето од ДДВ за увоз на пратки со вредност до 22 евра

Собранието попладнево во рамки на 70-та седница донесе одлука дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив, и го проследи на натамошно второ читање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски при образложувањето предложениот текст пред пратениците истакна дека се предлага укинување на постојното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство до примачи во Македонија.

Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице – примач во земјава со вредност до 22 евра. Сепак, се предвидени и исклучоци од ова ослободување, даночно ослободување не се применува за одредени категории производи: алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун – рече Јанкуловски.

Според Јанкуловски, основна причина поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и пофер услови за стопанисување.

Се задржува сепак можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ што од социјален аспект е многу значајно – потенцира заменик-министерот.

Тој потсети дека со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.

Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Малиша Станковиќ нагласи дека ваквото законско решение треба да биде поддржано, бидејќи, како што рече, на овој начин се стават во рамноправна положба малите македонски трговци.

Сакаме да градиме нови патишта, болници, градинки, училишта, сакаме зголемување на минималната плата и слично. Но, тоа не можеме да го правиме доколку македонскиот денар завршува на странските пазари. Мораме ние малку да имаме една елементарна почит кон нашите луѓе, кон нашата држава. И затоа сметам дека ваквото законско решение е добро. Мора да се справиме со сивата економија – рече Станковиќ.

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил истакна дека законот треба да биде повлечен. Потенцира дека наместо регресивна даночна политика која ја казнува сиромаштијата, да се зафатиме да го наполниме буџетот со зголемување на даноците на добивка.

Не е точно дека ќе се зголемат производите за нашите граѓани. И токму тоа е целата поента, дека ова е усогласување со директивите на ЕУ. Вие сте спремни се да прифатите со ЕУ, дури и на директна штета на вашите граѓани. Ова ништо позитивно нема да придонесе во Македонија од економски аспект. Ама буквално ништо. Ако мислите да го наполните буџетот со оданочување на шноли, господин заменик-министер, мислам дека е нереално тоа да се очекува. Со ова ги задоволувате барањата на вашите геостратешки стопани и тоа на директна штета на граѓаните кои ве избрале. Ова е недозволиво – рече Исмаил.

Пратениците донесоа и неколку закони – Предлог на законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Азербејџан за ослободување од визи на носителите на дипломатски и службени пасоши и Предлог на законот за ратификација на измените и дополнувањата на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка.

Собранието во второ читање проследи неколку закони – Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Македонија, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Предлог на законот за претворање на побарувањата на Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија – Скопје.

Во рамки на 70-та седница, Собранието избра кадровски решенија во неколку институции. Дарко Лазаров беше избран за член на Фискалниот совет на Народната банка. Димитар Трајанов, Соња Лепиткова, Билјана Трајковска, Гордана Лажетиќ, Дренуша Палоши и Кристина Скепаровска беа избрани за членови на Националниот совет за високото образование и научно-истражувачата дејност. Насер Селмановиќ беше избран за член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата.

Собранието продолжи со работа по 19-та седница. Пратениците го усвоија Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2025 година. Пратениците, исто така, ја донесоа Одлуката за согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2025 година.

Поврзани вести