Skip to main content

До крајот на годината работниците ќе добијат регрес за годишен одмор: Минималната сума за приватниот сектор е 18.141 денари, за административците 12.372 денари

До крајот на годината, работниците во Македонија ќе добијат регрес за годишен одмор, познат како К-15. Според законот, исплатата на регресот треба да се реализира до 31 декември и изнесува најмалку 40% од просечната плата, а може да достигне и 100% од неа.

Минималната сума за оваа година за вработените во приватниот сектор е 18.141 денари, додека за административците во јавниот сектор изнесува 12.372 денари, информира потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.

Тој додава дека поголем дел од работодавачите веќе ги знаат своите обврски и ретко кој не исплаќа К-15. Минатата година биле пријавени само 22 случаи од околу 4.000 работници, главно од текстилната индустрија.

Позитивен пример се странските компании од градежниот сектор кои работат во Македонија и исплаќаат 100% од регресот, но има и македонски компании кои даваат и до 45.000 денари. Сепак, има и мал број работодавачи кои исплаќаат само законски минимум“, изјави Пешевски.

Вработените кои не го добијат законскиот минимум можат да пријават во синдикатот или во Државниот инспекторат за труд.

Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор. Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто.

Поврзани вести