
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун, денес доставила предлози за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи. Предлозите се доставени до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат.
Предлозите се подготвени по одржаниот состанок на 14 февруари 2025 година во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората, велат оттаму преку соопштение.
По добиените одговори, Комората на трговци и супермаркети ќе излезе со нивните ставови.
Намалување на асортиманот на производи од 1.000 на најосновните од 100 до 200 кои ќе имаат ограничена маржа – еден од предлозите кои трговците ги изнеле на средбата во Министерството за економија. Според нив, така би се постигнало реално намалување на цените и за потрошувачите би биле подостапни основните производи. Велат, со големиот опфат на производи ќе се намали контролата, а ќе се зголемат ризиците да бидат казнети од Пазарниот инспекторат.
Средбата во петокот се одржа зад затворени врати. На состанокот се разговарало за предлог-одлуката на Министерството за економија за ограничување на маржите на основните прехранбени производи, на детергентите и на бебешката храна. Од Министерството за економија велат дека ќе ги анализираат доставените предлози. Конечна одлука ќе има оваа недела.