
Од денеска официјално стапија во сила новите сеопфатни американски царини за увоз од десетици земји, кои се движат од 10 до 50 проценти за земјите од целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија. За нашата земја беа одредени царини од 15 отсто, што е преполовување од првично најавените 33 отсто царини и претставува голем успех благодарение на нашиот преговарачки тим.
Стартот на примената на царините, ја потврди самиот американски претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Полноќ е!!! Милијарди долари царини сега се влеваат во Соединетите Американски Држави, напиша Трамп неколку минути пред истекот на рокот на полноќ во Вашингтон.
Царината на САД започна со наплата на повисоките царини по неколку недели тензии околу конечниот износ на царините и преговорите со трговските партнери со цел нивно намалување.
Стоките што биле натоварени на бродови што се упатуваат кон САД и биле во транзит пред крајниот рок на полноќ, им е дозволено да влезат во земјата со пониските претходни царини пред 5 октомври.
Соединетите Американски Држави ги намалија царините од 33 на 15 отсто за Македонија. Со ова државава се изедначи со тарифите кои се определени за целата Европска Унија. Сепак одговорните во нашата земја веруваат дека ова не е крајниот исход од преговорите со американската администрација.
Ова е прва фаза, ова не е договор бидејќи Трамп кажа до 1 август ќе ги објави новите царински, односно трговски маржи, така да ги наречам. Од 33% тие за нас се намалени на 15%. Преговорите продолжуваат, во моментот се наоѓаме на една условно кажано пауза. Веднаш после годишните одмори кои што ќе ги користат и администрацијата во кабинетот на претседателот и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во министерството и институците, очекувам во втората половина на август да продолжиме со преговорите. Очекувам да одиме уште подолу Еве да речеме од земјите во соседството Србија има 35 проценти, БиХ 30 проценти, додека Швајцарија 39 проценти. Ние како Македонија сме во иста група со Израел, Норвешка, ЕУ итн… – истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Директорот на Царината, Бобан Николовски смета дека царините нема негативно да се одразат на македонската економија.
Не очекувам да биде удар. Мислам дека тука релативно ќе се движи, на исто ниво ќе останат. Ние претходно правевме анализи, дадовме мислење до Министерството за финансии по точки кои ни побараа да дадеме и укажавме колкави ќе бидат средствата што може да се изгубат, ако ние одиме со нула спрема Соединетите Американски Држави или обратно, они сега со 15 отсто према нас, што не е конечно, мислам дека нема да има голем потрес – вели првиот човек на македонската царина.
Нашите стопанственици не очекуваат големи штети од царините од 15 отсто, со оглед на тоа дека главните трговски партнери со кои работат се европските земји.
Македонија во САД извезуваат пред се моторни и специјализирани возила, а најмногу се увезуваат наменски производи.
Трамп воведе високи царини за голем број земји, како на пример 50% за стоки од Бразил, 39% за оние од Швајцарија, 35% за Канада. Американскиот претседател воведе дополнителна царина од 25 отсто за индиските производи, како одговор на континуираниот увоз на руска нафта од страна на Њу Делхи. Новиот данок на увоз, кој стапува во сила 21 ден по 7 август, ќе ги зголеми царините за некои индиски производи до 50 отсто.