Skip to main content

Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува Регулаторна место советите на општините

Фрипик

За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.

За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.

Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.

Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.

Поврзани вести