Skip to main content

Вучиќ за скандалот со снимката: „Ѝ помогнав од човечка грижа, не од политика“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговиот телефонски разговор со Дијана Хрка, мајката на момчето кое загина при уривањето на железничката настрешница во Нови Сад, бил „учтив и чесен“, нагласувајќи дека е горд на секој збор што го изговорил, иако, како што рече, разговорот бил нелегално снимен.

„Направив сè што можев за да ѝ помогнам и да ја запрам агонијата на една жена, да не го загрози своето здравје. Разговорот не беше краток, но беше учтив. Се согласивме за некои работи, за некои не“, рече Вучиќ во интервју за ТВ Пинк.

Тој додаде дека Агенцијата за воено разузнавање го известила дека разговорот бил снимен без овластување, што, според него, е „директно спротивно на законот и повлекува тешки казни“. Сепак, подвлече дека нема да гони никого што учествувал во снимањето.

„Немам проблем целиот разговор да биде објавен. Горд сум на секој збор – тие беа вистинити и добронамерни, зборови на човек што сака да помогне“, рече Вучиќ, додавајќи дека нема од што да се срами.

Во однос на изјавите на Дијана Хрка, која претходно го нарече „неспособен“, Вучиќ рече дека тоа го прифаќа како нејзин личен став.

„Ја познавам и знам дека некои работи можеби се кажани под влијание на други луѓе, но немам ништо против тоа. Моја одлука беше да се обидам да помогнам, без притисок или присила“, истакна српскиот претседател.

Вучиќ додаде дека и понатаму е подготвен да ја прими на разговор во кое било време, „само за таа да престане со агонијата и да си го заштити здравјето“.

Поврзани вести