
За помалку од 24 часа, во три одвоени случаи, два рано утрово во близина на островот Гавдос во јужна Грција и еден вчера попладне во близина на градот Каламата на Пелопонез, грчката крајбрежна служба спасила 165 мигранти, кои се пренесувале со три чамци, јави дописничката на МИА од Атина.
Рано утрово во морскиот дел јужно од малиот остров Гавдос биле откриени два чамци со 68 и 58 мигранти, кои биле спасени и безбедно пренесени на копно.
Во првиот случај, чамецот бил откриен од патролен брод на крајбрежната служба и брод на Фронтекс, додека во вториот, мигрантите биле преземени од танкер што пловел во непосредна близина.
Вчера попладне во морскиот дел на 58 наутички милји јужно од Каламата на Пелопонез биле спасени 39 мигранти со помош на патролен брод на крајбрежната служба и биле пренесени на пристаништето во градот.